“Министерството за внатрешни работи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е должно да се грижи за почитување на одредбите од овој закон, секако вклучително и за нормите кои се однесуваат и на паркирање, како и санкционирање на прекршителите на овие одредби“, истакна меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во денешното свое обраќање на еднодневното советување што во организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и МВР се одржи на темата – “Современи предизвици за паркирање во урбаните средини“ и на кое што покрај претставници на организаторите учествуваа експерти, како и претставници на локални институции.
Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:
“Дозволете ми, најнапред, поздравјувајќи го овој собир, да нотирам неколку причини за темата која денес ја одбравме и целта која ни представува предизвик.
Имено, со денешните презентации, стручни видувања и дискуси ќе се обидеме заеднички да одговориме на повеќе аспекти кои се однесуваат на современите предизвици на паркирањето и правците за неговото развивање во Република Македонија, како и околу неговата улога во безбедноста на сообраќајот во урбаните средини.
Денешните презентери ќе се осврнат на повеќе аспекти, од коишто би споменала некои од нив:
• Пред се идните правци и насоки во подготовка на новата Национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015-2020 година.
• Потоа од аспект на задачите на МВР за примената на законските одредби во насока на почитување на законската регулатива заради постигнување побезбеден сообраќај и негово непречено одвивање, со што ќе се подобри и безбедноста на пешаците и велосипедистите во урбаните средини,
• Третто, сегашното ниво на развојот и примената на ова прашање во единиците на локалната самоуправа во урбаните средини и искуствата од функционирањето на Јавните претпријатија за паркирање во РМ, како и нивните проблеми и потреби за унапредување на паркирањето како јавен комунален проблем.
• Искуства и препораки за Јавното приватно партнерство во решавање на проблемот со управување и менаџирање со паркирањето
• Економските аспекти на идните инвестиции во изградба на катните гаражи како потреба за задоволување на потребите на граѓаните во урбаните средини.
• Аспектот на јавната свест на возачите за почитување на сообраќајните правила и прописи и паркирање на одбележани паркиралишта
• Прашањето на безбедноста на паркираните возила и следствено на тоа намалување на видовите на криминогени дејства.
Се разбира ова се дел од актуелните дилеми и согледувања на коишто треба да им се посвети сериозно внимание. Меѓутоа денес ќе бидат изнесени и многу други видувања за оваа тема и секој од свој аспект ќе се осврне и ќе понуди насоки, решенија и натамошни правци на справување со овој предизвик а со цел, во урбаните средини, да се обезбеди континуран сообраќаен проток, зголемена проодност и ќе се намали застојот од непрописно паркираните возила, што пак генерално ќе придонесе и за слободното движење на пешаците и велосипедистите на површините наменети за нив.
Министерството за внатрешни работи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е должно да се грижи за почитување на одредбите од овој закон, секако вклучително и за нормите кои се однесуваат и на паркирање, како и санкционирање на прекршителите на овие одредби.
Во изминативе три години МВР има поднесено 55.300 барања за покренување мерки против прекршители на законските одредби за непрописно паркирање (од 63 до 74 од ЗБПС,) или околу 18.000 постапки годишно што претставува опфат од околу 5% годишно од сите регистрирани возила во Република Македонија.
Но во оваа бројка не влегуваат писмено предупредените, повиканите на сообраќајна поука и тие што глобата ја платиле во определениот законски рок или се определиле да им се запишат негативни бодови во Сообраќајната книшка, согласно законот.
Искуствата од примена на современите решенија во градот Скопје и функционирањето на проектот Безбеден град, покажуваат дека преку камерите поставени на сообраќајниците во главниот град, лесно и брзо се воочуваат прекршителите кои не ги почитуваат поставените сообраќајни знаци, паркираат на места на кои тоа не е дозволено, а истоврмено покрај сторениот прекршок го попречуваат одвивањето на сообраќајот, создават метеж и нервоза кај другите учесници во сообраќајот.
Во изминатиов период СВР Скопје на домашни адреси испрати фотографии на кои се гледа прекршокот и писмено ги опоменаа сопствениците на над 1000 возила кои ги сториле евидентираните прекршоци. Ова претставува добра превентивна пракса и во иднина многу почесто ќе се користи против прекршителите во безбедноста на сообраќајот.
Исто така особено би сакала да апострофирам уште еден негативен пример на непрописно паркирани возила кој се однесува на паркирање на места забранети за паркирање а кои можат да ја попречат интервенцијата во случај на пожар. Заради така непрописно паркирани возила се успорува реакцијата на Противпожарните единици, а со тоа и се зголемува штетата од пожарот. Примери за ова има многу во минатото, а со ист проблем се соочуваат и екипите на итната медицинска помош кога треба да пристапат до некоја зграда или влез во густо населените населби.
Министерството за внатрешни работи при имплементирање на одредбите од ЗБСП поврзани со неправилното и непрописно паркирање на возилата, од година во година, презема зајакнати превентивни, но и репресивни мерки, насочени кон позитивно разрешување на овој проблем.
Очекувам од овој собир учесниците да ги отворат и да разговарат за сите прашања врзани за паркирањето и преку заеднички заклучоци да уврдиме краткорочни и долгорочни правци во регулирањето и одстранување на пречките на надлежните институции во реализација на главната цел, а тоа е да создадеме навики кај возачите за паркирање на места определени за таа намена, а тоа се зоните за паркирање и катните гаражи .
Длабоко сум убедена дека заклучоците што ќе произлезат од овој стручен собир ќе допрат до свеста на сите учесници во сообраќајот и ќе ја зајакнат корпоративната и индивидуалната одговорност за подобрување на безбедноста во сообраќајот“.