Ќесите за транспорт на стоки кои се пуштаат и употребуваат на пазар задолжително треба да го исполнат стандардот кој ја определува нивната биоразградливост. Ова го предвидува Правилникот на Министерството за животна средина и просторно планирање за намалување на прекумерната употреба на пластичните ќеси, поради нивното штетно влијание врз животната средина и долгиот период на разградливост.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија појасни дека изработката на ќесите треба да го исполнува стандардот МКС 1009, кој опфаќа методи за оцена на оксо-биоразградливост на пластика и фито-токсичноста на остатокот во контролирани лабораториски услови. Периодот на разградување на овие ќеси е околу 180 дена.
„Со влегувањето во сила на Правилникот, од 7 февруари годинава, ќесите наменети за транспорт на стоки во продавници, магацини, складови, деловни простори, зелени и посебни пазари каде што се врши трговија на мало на прехранбени производи, во продавници и киосци каде што се врши трговија на мало на ситни производи и во аптеките каде што се продаваат козметички производи, мора да бидат исклучиво биоразградливи“, појасни Адеми.
За непочитување на одредбите, според него, предвидена е глоба од 3.000 евра, како за производителот, така и за трговецот.
Наплатата на ќесите, Адеми нагласи дека не произлегува од законските обврски, туку од личниот став на самите трговци.
„Ставот на Министерството е дека наплатата на ќесите делува дестимулативно во поглед на нивното користење, но и реакциите од потрошувачите дека не е во ред кесите со лого на трговците со кое се рекламираат да се наплатуваат се оправдани“, додаде ресорниот министер.
Зорица Мешкова од Стопанска комора на Македонија информира дека нивните чкенки се подговтвени и најголем дел веќе го применуваат овој стандард.
„Производството на биоразградливи ќеси ќе продолжи нормално, бидејќи немаше потреба од промена на технологијата, туку со додавање одредени адитиви се постигнува потребниот степен на биоразградливост“, рече Мешкова.