Иванов: Македонскиот модел на мултикултурализам е пример за нашиот регион

Во денешно време кога моделот на мултикултурализам во Европа не функционира поради односот кон муслиманите, Македонија покажува дека во неа муслиманите и христијаните од секогаш живееле заедно без никакви предрасуди и стравови. Македонија е земја која може да се пофали со нејзиниот специфичен однос кон различитоста. Ова го истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во своето предавање на Универзитетот „МекМастер“ во Хамилтон, Канада, на тема „Мултикултурализам, мултиетницизам и успехот на македонскиот модел“.

Предавањето на претседателот Иванов се одржа на првиот ден од неговата неколкудневна посета на Канада, за време на која се предвидени повеќе средби со преставници на канадскиот политички врв, научната заедница, како и со преставници на организации на македонската заедница.

„Канада промовира поинаков начин на интеграција на општеството. Тоа е модел на интеграција без асимилација и се претпоставува дека тоа е модел на иднината. Обидите на старите европски држави да се справат со таа комплексност доведува до разочарување“, подвлече македонскиот претседател на предавањето на „МекМастер“.

„Како што канадскиот модел на мултикултурализам е иднината на сите имигрантски општества, сметаме дека македонскиот модел е позитивен пример за сите мултиетнички општества во нашиот регион“, рече шефот на државата.

За време на посетата на канадскиот универзитет, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „МекМастер“.

Претседателот Иванов својата посета на Канада ја започна со посета на канадскиот воен колеџ во Торонто, каде што учествуваше на дискусија за важноста на обуката на военото раководство и професионалното воено образование, на која учествуваа сенатори, генерали и високи воени претставници од Канадскиот воен колеџ.

Во Отава, претседателот на Република Македонија ќе оствари средба со спикерот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, почесниот Ендру Шир и средба со спикерот на Сенатот, почесниот Ноел Кинсела.

Во општината Маркам во Торонто, претседателот Иванов ќе присуствува и ќе се обрати на свечената церемонија на подигање на македонското знаме и сечење лента за улицата која ќе го носи името „Битола“. Во оваа прилика, предвидено е да биде потпишан Меморандум за разбирање во областа на културата и туризмот.

По повод 50-годишнината од постоењето на првата македонска црква во Канада, претседателот Иванов ќе има свечено обраќање на гала-вечерата во соборната црква „Св. Климент Охридски“ во Торонто. Воедно, македонскиот претседател за време на престојот во Канада  ќе оствари повеќе средби со претставници на здруженија на македонската дијаспора, како и средба со претседателот на македонско-канадската група за пријателство во Парламентот на Канада, г. Ладислав Лизон.