Министерот Џафери и генерал-мајор Горанчо Котески го пуштија во употреба ремонтираниот патролен чамец на АРМ

Денес, Министерот за одбрана Талат Џафери и Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески во придружба на Државниот Секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски и генерали на АРМ го посетиjа Центарот за обука на вода во Охрид. За време на посетата тие се запознаа со работата, задачите и идните планови на овој центар, при што во пловидба беше пуштен ремонтираниот патролен чамец на АРМ.

Министерот Џафери го нагласи значењето на развојот на Центарот за обука на вода во процесот на обуката на единиците на АРМ и подвлече дека посетата претставува прилика за согледување на состојбите и опременоста на Центарот. Тој истакна дека ставањето на патролниот чамец во употреба ќе ги зголеми капацитетите за изведување на поквалитетна обука на вода, но и дава можност и за негова употреба и во комерцијални цели.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески се осврна на значењето на овој Центар кој е единствен од ваков вид за Армијата, при што тој не ја исклучи поддршката на Граничната полиција со ремонтираниот патролен чамец, доколку е тоа потребно, а најави и продолжување на реновирањето и на вториот патролен чамец и негово ставање во употреба.

Во вториот дел од посетата, Министерот Џафери и генералот Котески го посетиjа воениот камп Свети Наум каде на лице место беше утврден степенот на реализација на градежните работи околу реконструкцијата на истоимениот камп.

Ова беше прва од низата планирани посети на единиците и гарнизоните на АРМ кои во наредниот период ќе бидат посетени од Министерот за одбрана и Началникот на ГШ на АРМ, со цел непосредно да се запознаат со состојбите и условите за работа.

arm03 arm02