Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска ги промовира протоколите за постапување меѓу Центрите за социјална работа и Здружението на граѓани СОС Детско село Македонија.
„Поаѓајќи од заложбата за континуирано унапредување на квалитетот на грижата за децата без родители и родителска грижа и потребата за јасно прецизирње на улогата на секој учесник во заштитата, сметавме дека има потреба од изработка на едни вакви Протоколи. Со нив поблиску ги дефиниравме и ги определивме процедурите за постапување меѓу надлежните инстититуции“, рече Ристовски на денешната прес-конференција.
Протоколите, како што рече, претставувата алатка за координирано, системско, ефикасно и ефективно постапување на сите професионални структури кои ги третираат прашањата од оваа област, со јасна динамика, цел и дефинирани фази за реализација, како што се пријавување и евиденција, определување форма на заштита, подготовка за сместување…
Ристовски информира дека основните принципи на кои се темели протоколот се најдобриот интерес на детето, правото на детето на живот, опстанок и развој, право на детето на семејство, право на информираност на детето за сите состојби и дејствија кои го засегаат…
По промоцијата на протоколите, ќе следуваат обуки за вработените во установите коисе вклучени во оваа активност или Центрите за социјална работа, Заводот за социјални дејности и СОС Детско село.
Програмскиот директор на СОС Детско село Марио Јанчев истакна дека Протоколот претставува потврда за практикување и унапредување на соработката меѓу граѓанскиот сектор и јавните установи за социјална заштита.
Јанчев смета дека овој Протокол за нив е од суштинско значење поради тоа што ќе го унапреди пристапот во комуникацијата и административното постапување на меѓуопштинските центри за социјална работа кон системот на социјална превенција кој го спроведува СОС Детско село Македонија.