Црвен крст ја одбележува Неделата на солидарност „Вашиот прилог – Значајна помош“

Во рамките на социјално-хуманитарната дејност, Црвен Крст Охрид традиционално организира кампања по повод одбележување на Неделата на солидарност од 22 – 30 април, под мотото „ВАШИОТ ПРИЛОГ – ЗНАЧАЈНА ПОМОШ“. Целта на оваа хуманитарна акција е подигање на нивото на свеста кај населението во Охрид и Дебрца за потребната помош и поддршка на социјално ранливото население.

„Нашите сограѓани можат во текот на целата недела кога ја одбележуваме солидарноста од 22 до 30 април да дојдат и да донираат во Црвен Крст Охрид од 8 до 15 часот. Можат да донираат храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства. Донирањето на парични средства може да се изврши и преку мобилните тимови на Црвен Крст Охрид. Значи нашите волонтери соодветно одбележани со знаците на Црвениот Крст ќе поминат од врата до врата во семејствата во Охрид и Дебрца и преку акцијата од куќа до куќа, од стан до стан тие би прибрале парични средства од нашите сограѓани, секој онолку колку што е во можност, износот се става во коверт и на соодветен, испечатен памфлет од Црвен Крст ќе биде одбележан и износот кој граѓаните го донирале“, – истакна координаторот за организациско стручни работи на Црвениот Крст-Охрид, Мимоза Ставрева.

Средствата ќе бидат наменети за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни потреби од Охрид и Дебрца. 

„Оваа акција со Стоп Шоп маркетите ја започнуваме од среда од 24 април и ќе трае во текот на целата недела. Апелираме до граѓаните да купуваат, затоа што имаме многу евидентирани случаи на население од ранлива категорија, сите средства ќе бидат наменети токму за нив. Во овој период не се сомневаме во хуманоста на граѓаните и тоа дека ќе излезат во пресрет и дека ќе ја поддржат акцијата“, – рече младинскиот координатор на Црвениот Крст Охрид, Младен Божиновски.

Од Црвениот Крст апелираат до сите охрѓани да и помогнат и на младата Ангела Попоска од Мислешево која што е матурантка во гимназијата Св.Климент Охридски, која има проблеми со колкот и досега има направено три операции, но по последната операција воопшто не може да се движи.

„Можеби тоа за вас е премалку, но сепак верувајте дека за неа значи живот. Значи ќе доаѓаме во вашите домови и ќе бараме мала помош за нашата другарка и соученичка. Затоа апелираме до сите граѓани колку што можат да помогнат за да успееме да го спасиме животот на ова младо девојче. Се надеваме дека ќе ни помогнете да ја оствариме нашата цел т.е. да и помогнеме на нашата другарка“, – рече Милан Србиноски, волонтер во Црвениот Крст – Охрид.

Црвениот Крст Охрид се надева дека граѓаните ќе излезат во пресрет на оваа хуманитарна акција и да помогнат, за да се обезбеди помош на сите оние на кои што им е потребна. Од Црвениот Крст исто така изразија благодарност до сите граѓани како и на медиумските покровители, меѓу кои што е и WebOhrid.

WebOhrid