“Недозволената трговија со оружје претставува сериозна закана за сите држави од Европа, независно дали тие се дел од Европската Унија или се дел од Западен Балкан. Интензивирањето на заедничката соработка во овој дел може значително да влијае во зголемување на ефикасноста против овој вид на организиран криминал“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на Конференцијата на министрите за внатрешни работи на Салцбург Форумот што се одржува во Варшава, Полска.
Министерката Јанкулоска која говореше во рамки на сесијата посветена на борбата против илегалната трговија со оружје потенцираше дека по однос на оваа проблематика Република Македонија, не може да се третира изолирано од целиот контекст на земјите од Западен Балкан, особено што бројните конфликти кои изминативе дваесетина години се случија на Балканот помеѓу другите, го отворија и овој проблем.
“Најголем дел од оружјето и експлозивните материи потекнува токму од овие конфликти, а истото се чува од страна на поединци или групи кои го продаваат на црниот пазар во регионот“, рече Јанкулоска.
Според презентираните статистички податоци македонското МВР во текот на 2012 година откри 178 кривични дела – “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ за што кривично пријавени се 215 сторители. При откривањето на кривичните дела запленети се 178 парчиња разновидно оружје, како и 8.682 парчиња различна муниција, 75 детонаторски каписли и 54,6 килограми експлозив. Покрај мерките на кривичен прогон, поднесени се и 429 барања за поведување на прекршочна постапка против 455 лица, најчесто заради набавување делови од оружје, поседување муниција, носење на оружјето спротивно на одредбите на законот, неподнесување на барање за регистрација на оружје во пропишаниот рок, непредавање на оружјето и муницијата во случај на смрт на сопственикот и слично. Притоа, одземени се вкупно 229 парчиња разновидно оружје, 800 парчиња муниција, две парчиња експлозив, како и значително количество други пиротехнички средства. Исто така во текот на минатата годината, на територијата на Република Македонија се пронајдени вкупно 122 парчиња оружје, од кои 65 гранати, 29 мини, 23 рачни бомби, по еден рачен ракетен фрлач и друго, како и 4,780 парчиња муниција, 12 пакувања барут, седум детонаторски каписли, топовски удар, гасна бомба, 21 пиротехнички средства-ракети, со напомена дека поголемиот дел од пронајденото оружје беше старо, неисправно и нестандардно.
Покрај ова Јанкулоска ги информираше своите колеги и за преземените и реализирани обврски по однос на законската регулатива за оваа материја при што нагласи дека и на техничко и на нормативно рамниште веќе се реализирани речиси сите зацртани активности а во насока на што поуспешно спротивставување на илегалната трговија со оружје. Јанкулоска најави дека на крајот од идниот месец во Република Македонија, во организација на МВР ќе се одржи меѓународна работилница поддржана од од инструментот за техничка помош на Европската Унија, TAIEX а на тема “Борба против недозволената трговија со огнено оружје”.
“Министерството за внатрешни работи и понатаму ќе ги презема сите неопходни активности во насока на сузбивање на нелегалната трговија на оружје, преку зголемување на регионалната соработка и прифаќање на најдобрите пракси од оваа област кои се во сила во земјите членки на Европската Унија“, рече при крајот на своето обраќање министерката Јанкулоска.
Инаку, на конференцијата на којашто учествуваат министрите за внатрешни работи од Чешка, Словачка, Унгарија, Хрватска, Словенија, Австрија, Полска, Македонија, Романија, Бугарија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Молдавија (земји членки на Салцбург Форумот) покрај оваа тема се дискутира: и околу новите технологии како инструменти во поефикасното менаџирање на граничната безбезбедност во контекст на новите предизвици, како и перспективите за натамошно продлабочување на соработката во рамки на оваа асоцијација, за зајакнувањето на регионалната соработка во областа на трговијата со супстанци за производство на дрога, цивилната заштита и системи за спасување, а ќе бидат презентирани и насоките и приоритетите на Салцбург Форумот за време на романското претседателствување со истиот.