Одржан првиот УЕФА регионален семинар за борба против местењето натпревари

Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА низ заедничка прес-конференција денес и официјално го отворија првиот УЕФА регионален семинар за Integrity Officers во Скопје. Исклучително важниот семинар со централна тема „превенција и детектирање на местењето натпревари“ го отвори Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, одговорниот на Integrity Officers во Европа, Урс Клусер и координаторот на УЕФА, Греам Пикер. По големиот број скандали во европскиот фудбал, УЕФА низ организирање семинари прави напори да ја зајакне борбата против едно од најголемите зла во фудбалот.

Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски ги потенцираше законските измени кои се однесуваат на лажирањето спортски натпревари, измени иницирани токму од Фудбалската федерација на Македонија.

„Чест ни е, но за нас исто така е голема обврска што сме први домаќини на еден ваков регионален семинар на УЕФА. Отвораме една од најважните тематики во светот на фудбалот – борбата против местењето натпревари. Ние сме задоволни што државата ги активира своите маханизми за борба против најголемото зло во спортот, на иницијатива на ФФМ е донесен закон за борба против мастењето натпревари и насилството во спортот. Со казна затвор од една до десет години ќе се казнува лажиран спортски натпревар или наместен резултат. Во областа на лажирањето натпревари, се и дополнувањата на кривичните дела кои се однесуваат на активниот и пасивниот поткуп“, истакна Ѓорѓиоски.

Одговорниот координатор на УЕФА, Греам Пикер истакна дека ФФМ се движи во насока која треба да биде вистински показател за секоја национална федерација кога е во прашање борбата против местењето натпревари и втемелувањето на позитивните вредности во фудбалот.

„Тука имаме одлична логистика, затоа го одбравме Скопје за овој прв семинар. УЕФА е задоволна од кампањата 100% на ФФМ. Тоа е чекор за правилна едукација против негативностите во фудбалот. Местењето на натпревари е глобален проблем, не сметаме дека регионот има посебен проблем во однос на тоа прашање“, истакна Пикер.

Во рамки на дводневниот семинар (24 и 25 април 2013) своите методи и начини на борба против местењето на натпревари ќе ги презентираат претставниците на унгарската и италијанската фудбалска федерација.