Учество на министерот Попоски на состанок на земјите-членки на НАТО и придонесувачи во ИСАФ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес во седиштето на НАТО во Брисел, учествуваше на редовниот  министерски состанок на Северно-атлантскиот совет со земјите контрибутори во Мисијата ИСАФ во Авганистан.

Министрите за надворешни работи во ИСАФ формат разговараа за улогата и модалитетите на ангажманот на Алијансата во Авганистан по 2014 година, од аспект на стратегијата дефинирана во Трајното Партнерство со Авганистан за присуство на Алијансата во земјата се додека е тоа неопходно.

Во своето обраќање на состанокот, Министерот Попоски ја реафирмира подготвеноста на Република Македонија, во рамките на своите можности и мандатот даден од Алијанската, и по 2014 година активно да контрибуира во градењето стабилна и безбедна иднина на Авганистан, што ќе се постигне со создавање позитивна безбедносна клима, почитување на човековите права, економски развој на земјата, јакнење на регионалната соработка и друго. Воедно, тој ја потенцираше непоколебливоста на коалицијата на ИСАФ во заложбите за градење стабилна и безбедна иднина за авганистанскиот народ.

Во оваа прилика Министерот Попоски, изрази очекување дека во блиска иднина Република Македонија ќе го добие заслужено,то  полноправно членство во НАТО.