Градоначалникот Бакрачески се запозна со работата на Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“

Градоначалникот Никола Бакрачески денеска оствари средба со членовите на „Мобилност“ – Здружение на лица со телесен инвалидитет на Охрид и Дебарца, на која беше запознаен со програмата и активностите  кои се превземаат во насока на унапредување на положбата на лицата со телесен инвалидитет.

Во разговор со присутните градоначалникот Бакрачески истакна дека ќе се заложи за поставување на пристапни рампи, благ нагиб, ограда и слично во јавните објекти и секако ќе се ангажира за отстранување на архитектонските бариери на јавниот простор во градот.

Градоначалникот најави и иницирање на доследна примена на законските обврски кон сите оние кои во иднина ќе градат објекти од јавен карактер, со кои се обезбедува пристапност на лицата со инвалидитет до сите објекти.

Членовите на Здружението на лица со телесен инвалидитет на Охрид и Дебарца изразија задоволство од ваквата средба и надеж дека ќе се подобри соработката и ќе се интензивираат контактите со локалната власт на општина Охрид.

„Ваквите средби ќе станат пракса и ќе се одвиваат во континуитет, а со тоа ќе се зголеми и соработката и полесно ќе се решаваат проблемите со кои Вие како Здружение ќе се соочувате во текот на Вашето работење“, – истакна Бакрачески.

Sredba_mobilnost_2