Во организација на Општина Охрид, Амбасадата на Кралството Холандија, ТАВ и Агенцијата за промоција на туризмот утринава пристигна првата група холандски туристи за оваа летна сезона.
Веднаш по самото пристигнување, туристите беа пречекани со традиционално македонско лепче и торта. Како дел од церемонијата за пречек присутна беше и играорна група која на симболичен начин им посака добредојде на холандските туристи.
Градоначалникот Никола Бакрачески им посака пријатен престој во Охрид, незаборавни моменти и убави спомени.
„Имам посебно задоволство како Градоначалник на Охрид да Ви посакам пријатен престој во нашиот град и можност подобро да го почувствувате познатото гостопримство на нашите жители. Охрид има што да Ви понуди, од културно-историски знаменитости, преку традиционалната храна, до богат ноќен живот за оние кои преферираат забава. Холандските туристи за нас се традиционални гости со кои не врзуваат многу емотивни спомени од минатото.
Ме радува фактот што после еден период на застој, последниве две години се повеќе холандски гости го избраа Охрид и Македонија за своја туристичка дестинација. Благодарение на Амбасадата на Холандија, туроператотот Туи-Аркефлај и Агенцијата за промоција на туризмот на Р.Македонија, очекуваме бројот на холандските посетители и гости постојано да се зголемува. Ние како локална власт ќе направиме се што е наша обврска, гостите да бидат задоволни и да го доживеат Охрид како место кое повторно ќе го посетат, но и ќе го препорачаат на своите пријатели. Почуствувајте го Охрид како Ваш пријател со кого идните неколку денови ќе бидете заедно, зошто и ние Вас ве чуствуваме како наши пријатели со кои сакаме да ги споделиме нашите вредности, убавини и тајни кои се кажуваат само помеѓу пријателите“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
Во текот на 2012 година, во Македонија престојувале вкупно 27.120 холандски посетители и туристи, што претставува 7,6% од вкупниот број на странски туристи во земјата. Ова е најголем број туристи и посетители од странска држава, по оние од соседните земји.
Холандските туристи во текот на 2012 година освариле вкупно 145.280 ноќевања, што претставува 17,9% од вкупниот број на остварени туристички ноќевања.