Тепањето е се уште актуелен метод за воспитување на децата

Физичкото казнување како метод за воспитување на децата се уште се применува во Македонија. Поголем број од родителите веруваат дека во воспитувањето на децата е потребно казнување, покажуваат податоците од најновото Меѓународно истражување за состојбата на децата и на жените – МИКС.

На национално ниво, кај 52 проценти од децата е применувано физичкото казнување како мерка за воспитување. Каков било насилен метод на дисциплинирање е применет кај 73 проценти од децата на возраст од 5 до 9 години, 69 проценти кај децата на возраст од 2 до 4 години и 66 проценти кај децата од 10 до 14 години.

„Релативно мал дел од родителите веруваат дека за да се одгледа едно дете соодветно треба да се применува физичка казна, а повисок е процентот на родители кои веќе ја користат физичката казна за да ги воспитаат своите деца. Ваквите бројки покажуваат дека родителите немаат едукатно знаење и вештини како да употребат позитивно и ненасилно однесување кон децата“, оцени претставникот на УНИЦЕФ, Шелдон Јет на денешното официјално презентирање на податоците од истражувањето.

Значителен напредок е забележан во делот на раниот детски развој каде бројот на деца на возраст од 36 до 59 месеци кои посетуваат некаква програма за едукација е зголемен на 22 проценти во споредба со 10 проценти од 2005 година.

Напредок има и во делот на запишување на децата во матичната книга на родените каде има зголемување на процентот на 99,7 проценти во однос на 94-те проценти во 2005 година.

Бројките од истражувањето покажуваат дека 98 проценти од децата во основните училишта сакаат да го продолжат своето школување, а зголемен е и интересот на децата Роми за школување.

„Ако пред пет години околу 60 проценти од учениците Роми имале интерес да се запишуваат во училиште, оваа бројка во последните две-три години е зголемена за  над 25 отсто, односно изнесува над 85 проценти. Радува и фактот што постојано расте и бројот на ученици во основните училишта, односно напорите кои ги вложува Владата и Министерството за намалување на бројот на граѓаните кои немаат доволна писменост дава резултати“, истакна министерот за образование и наука Панче Кралев.   

Што се однесува до склучувањето на малолетничките бракови е забележано намалување за 1,3 проценти, а зголемена е и свеста за пријавување семејно насилство.

„Ако во 2005 година 21 процент од жените сметале дека е правилно и оправдано мажот да ја тепа, во последниот извештај таква перцепција имаат 15 проценти од испитаничките“, посочи министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Интересен е и податокот дека на национално ниво 30 проценти од жените се породуваат со царски рез, иако препораката на Светската здравствена организација е тој процент да не биде повисок од 15. На ваков чекор се одлучуваат повеќе мајките со високо образование.

Во однос на имунизацијата на децата во Македонија е забележан напредок, односно сега процентот изнесува 91 во споредба со 76 проценти во 2005 година.

Истражувањето во Македонија беше спроведено на репрезентативен примерок од 4.018 домаќинства на национално ниво и 951 романско домаќинство. 

Меѓународното истражување за состојбата на жените и децата се спроведува на секои пет години. Македонија беше една од 59 земји опфатени со истражувањето, а добиените наоди помагаат во креирањето на идните политики од социјалната сфера.