По поразот од екипата на Киелце, Металург ја заврши тековната сезона во европските натпреварувања, сезона која ќе ја паметиме како најдобра во нашата историја, во која Металург се вброи меѓу осумте најдобри ракометни колективи во Европа. Постигнавме огромен успех, кој не може да ни го земе никој, постигнавме резултати кои не ги поништува ниту високиот пораз. Нашите ракометари се вистински спортски херои, кои го прославија името на нашиот клуб и на нашата земја.
Случувањата во Киелце не се вистинскиот одраз на силите на двата тима. Нашите ракометари имаа огромна желба за успех, имаа мотив. За жал, настаните тргнаа во погрешна насока, а моралот опадна пропорционално со загубата на силите. Средбата дојде во најнепријатниот момент за нашата екипа, која е вистинска подвижна болница. Не бараме оправдување за натпреварот, меѓутоа малкумина знаат дека денес на терен излегоа ракометари меѓу кои дури седуммина настапија со инјекции. И покрај тоа тие имаа желба за победа и долго време беа во игра.
Киелце е моќна екипа, со комплетна клупа, која ја сочинуваат врвни ракометари. Четирите победи против нашиот тим се доволен доказ за тврдењата дека во моментот тие се подобри од нас.
Натпреварот почна според нашите најдобри желби. Одлично игравме во одбраната и долго време бевме во игра во однос на резултатот. Противникот за првпат поведе во 13. минута, но се до 24. минута му бевме постојано зад петици. Малата деконцентрација, во последните минути од првиот дел, резултираше со недостижно противничко водство од четири гола разлика, 12:8.
Второто полувреме беше тешко и за играње и за гледање. Растоварени од резултатската неизвесност, полските ракометари прикажа одличен ракомет, особено што против себе имаа еден уморен и, од резултатот, деморализиран Металург.