Во елитниот изложбен простор Скандинавска куќа во Њујорк се одржа промоција на македонските археолошки богатства, културата и туристичките можности.
Изложбата беше отворена од Питер Хердрих, директор на Архелошкиот институт на Америка, а за македонското богатство од минатите векови зборуваа министерот за култура Елизабета Канческа Милевска, директорот на Агенцијата за туризмот Јордан Трајков и професор Драги Митревски.
„Навистина сум задоволна, мислам дека имавме убава промоција која ја подготвиме заедно со Археолошкиот институт на Америка и со списанието Археологија. Промоцијата беше подготвена и од археолошки, туристички и од културен аспект. Во моето воведно излагање се осврнав на сите оние вложувања кои ги правиме во археологијата и воопшто инвестициите во културата. Ги запознав присутните со голем број артефакти кои во минатиот век беа откриени на нашите археолошки локалитети, како и со заштита и промоција на спомениците на културата“, изјави Канческа Милевска.
Посетителите, меѓу кои експерти од областа на археологија, претставници на медиумите и на дипломатскиот кор, имаа можност да проследат видео презентации на најзначајните македонски археолошки локалитети, а беа подготвени и брошури и дискови со промотивен материјал за македонските наоѓалишта.
„Настанот го подготвувавме долго време, и навистина се потрудивме да го претставиме потенцијалот на Македонија. Истакнав дека археолошките артефакти пронајдени во Македонија ќе бидат поставени во новиот Археолошки музеј кој е во изградба во Скопје, и во кој ќе бидат поставени реконструкции на амбиентот“, изјави министерот Канческа Милевска.
Освен археологијата, на настанот во Њујорк беше организирано и претставување на македонското природно наследство, културата, храна и вино, а настапија и културно-уметничкото друштво Гоце Делчев од Њу Џерси и музичарот Владимир Василески – Четкар.