Христос Воскресе!
Велигден е. Најголемиот христијански празник. Ден над Деновите. Секаде во православниот свет. Насекаде во православна Македонија. И во Охрид. Велигден е и овде во Елшани, на десет км од градот и на само 2 км од Белото Езеро, на близу 900 м.н.в., во подножјето на мајската убавица Галичица. Празнуваат елшанци според сите традиции и христијански обичаи. Со бојадисување на црвени јајца го најавуваат Велигден, со бели и шарани погачи и со велигденско- лепче литургија ја чествуваат црквата, а со своето простумстоечко присуство ја слушаат божествената велигденска литургија во богато-фрескописаната црква Свети Пророк Илија, каде парохискиот свештеник отец Атанас Казанџиски, соодветно на овој велигденски повод го чита евангелието и низ песна го слави Христа и Неговото Воскресение. Глаголи и пее отецот, а низ познатата велигденска песна, со смирени души и насмеани лица го следат неколку стотини верници кои со свеќа во раката и со радост во срцата го слават Христа и Победата на Животот над Смртта.
Така е во Елшани секоја година за Велигден. Се собираат сите елшанци- од најмало до најстаро и посветено христијански ја посетуваат и чествуваат црквата., каде низ молитва и поклонение му благодарат на Бога за убавините на животот.
Оваа година, овој Велигден во Елшани беше збогатен со уште една голема активност на која присутвуваа верниците. Се осветуваа новизградените црковни трпезариски простории кои од денес ќе бидат на услуга на потребите од месното население, за црковно – обредни, но и за други свечени потреби на елшанци.
Новите црковни трпезарии се изградени во објектот на поранешната продавница од поранешната “Охридска трговија”, објект кој до ланската година беше во владение на приватни лица од Охрид.
„За негово преземање и откупување во трајна сопственост, црквата “Свети Пророк Илија” плати 15 илјади евра и со тоа, со меѓусебен купопродажен договор, денес, оваа зграда , овој објект е во наша сопственост – на нашата црква, а за потребите на месното население. Главните простории , околу 110 квадратни метри се пренаменети во трпезарии, во дел од подолниот спрат е изграден санитарниот јазол, а најдолу ,за потребите на Месната Заедница Елшани изградена е и приспособена Месната Канцеларија“, – велат од Црковниот Одбор во Елшани.
Ја посетивме новоосветената црковна трпезарија каде може да се забележи убаво уредена кујна со голем шанк и кујнски инвентар, како и дваесет маси со 100 соодветни трпезариски столчиња .
„Имаме доволно инвентар: специјални термоси, котли, тенџериња , чинии и друг прибор за околу 100 души. Доволно е за почеток .Секако, и тековните работи и обреди во црковното живеење не се запоставени,, напротив , се инвестира и во црквата и така и ќе се продолжи., Речиси се што е направено е со пари од црквата и од верниците. Има и неколку стотини евра донации од приватни лица и фирми, но главно, тоа се наши пари, пари со кои еве успеавме по многу години преговори (преговорите ги отпочна и поранешниот Црковен одбор) да ја откупиме зградата и да ги изградиме овие простории кои, посакуваме да се користат за убави себапи, но , како што налагаат потребите, и за други несакани , но природно очекувани обредни собирања и чествувања“. – истакнува Љубе Павлески, благајник во Црковниот Одбор на црквата во Елшани.
Чинот на осветување на црковните трпезарии го изврши отец Атанас Казанџиски, кој со кршење на колач и со чинот на помазување го испиша името на Исус Христос и Ника, што значи Исус Христос –Победител. Тој додаде:
„Чинот на осветување се прави со цел да го доближиме Бога до нас и во нас и преку добрата мисла на молитвата да се надеваме на милост Божја и на љубов, мир и слога меѓу луѓето“.
Осветувањето го проследија и неколку стотини верници кои потоа имаа можност да се почестат со скромна трпеза, за која пак, се погрижи Црковниот Одбор, но и неколку домаќинства од селото кои учествуваа со свои прилози .
Од денес, Елшани е побогато за уште повеќе љубов, за уште повеќе слога и за уште повеќе дружење во новоосветените простории кои посакуваме да бидат место за што повеќе убави себапи од интерес и потреба на населението. Велигден одново ги собра елшанци да му се радуваат на животот, да го слават Бога и да веруваат во Неговото Воскресение. Им посакуваме убави случувања и чествувања!
Христос, Навистина Воскресе !
Текст и фотографии: ДИМ ДОН