Денеска во просториите на Црвениот крст Охрид, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу хуманитарната организација Црвен крст Охрид и образовната институција Универзитетот “Св. Апостол Павле” Охрид.
Меморандумот го потпиштаа ректорот на универзитетот Нинослав Марина и претседателот на Црвениот крст од Охрид, Сашо Точков.
„Интернационалната соработка на Црвениот крст со УИНТ, беше навистина плодна и еве денска резултира со потпишување на еден формален меморандум за соработка на овие две институции. Се надевам дека не само што ќе продолжиме со оние активности и прогнози кои заеднички ги реализираме, туку и ќе ги надградиме со уште повеќе програми кои заеднички ги договоривме со ректорот на универзитетот. Тие ќе бидат од полза како за нашите волонтери, така и за сите млади луѓе, студенти на УИНТ.“ – истакна претседателот на ЦК Охрид, Сашо Точков.
Тој ја потенцира соработката во делот на дарувањето крв, каде со години во просториите на УИНТ се оддржуваат крводарителски акции.
„Исто така, во делот на првата помош , Црвениот крст е единствената организација во Македонија која што врши обука по европоските стандарди кои се признати секаде во светот. Секако дека сите студенти кои тука ќе ја завршат обуката, ќе им биде добредојден тој сертификат, бидејќи ќе им користи за понатака.“ – додаде Точков.
Ректорот на УИНТ „Св. Апостол Павле“, Нинослав Марина, истакна дека оваа високообразовна институција е спремна да биде активна во сите делови општеството.
„Особено онаму каде значајна улога играат информатичките науки и технологии. Оваа соработка што ја потпишавме ќе биде од големо значење и заемен интерес меѓу двете институции. УИНТ како најмлад државен универзитет покрај главната дејност, сака да искаже подготвеност за општествена одговорности.“ – истакна Марина.
Инаку, во периодот кој претстои се предвидени низа активности помеѓу Црвениот крст од Охрид и УИНТ „Св. Апостол Павле“.