Ивановски: Македонија во чекор со глобалните трендови во ИКТ областа

Успешна година во информатичката област во Македонија, особено во делот на користењето на интернетот и неговата распространетост во земјата, како и скок на меѓународната рејтинг листа за информатичка технологија.

Ова е генералната оценка која министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ја изнесе на денешната прес-конференција, на која ги сублимираше резултатите и постигнувањата во ИКТ областа.

„Учеството на домаќинствата со широкопојасен интернет во вкупниот број на домаќинства е зголемено од 65 % во 2013 година, на 67,7% во 2014 година. Речиси сите или 99,1 % домаќинства со интернет пристап, имале широкопојасно (фиксно или мобилно) поврзување на интернет. Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, компјутер користеле 67,6%, a интернет користеле 68,1 %. Интернет најмногу користеле учениците и студентите, односно 96,3 %.“– рече Ивановски сублимирајќи ги податоците од Државниот завод за статистика.

Република Македонија оваа година, во 13-то издание на Глобалниот извештај за информатичка технологија објавено од Светскиот Економски Форум е рангирана на 57 место, што претставува напредок за 10 места од минатата 2013 година.

„Според бројот на интернет корисници во вкупното население, Македонија е на 43 место, според бројот на мобилни корисници на 82 место, потоа според домаќинствата што имаат интернет сме на 49 место, широкопојасен интернет на 48, домаќинства што имаат компјутер 55 место итн.“ – додаде Ивановски.

Исто така, министерството годинава започна со подготовка на две ИКТ стратегии – едната на краток рок до 2017 година и втората на подолг рок до 2020 година. Се подготвува и стратегија за креирање на Дигитална одржлива економија, која ќе биде вклопена во ИКТ стратегиите.

„Сите статистики, анализи и стратегии во подготовка, претставуваат добра основа и во наредната 2015 година, да го подигнеме степенот на развој на информатичкото општество во земјата, кое покрај другото ќе стимулира и нови работни места и зголемување на националниот економски раст.“– рече министерот Ивановски.