Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина

На 8 мај 1828 година роден е големиот хуманист Анри Динан, основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст. Во негова чест 8 мај се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а неделата од 8-15 мај, како Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

По тој повод и под мотото „150 години хуманитарна акција“ Црвен крст Охрид организира повеќе активности: денес ИНФО ДЕН – прием во седиштето на Црвен крст Охрид, можност сите заинтересирани преку промотивни материјали и презентации од страна на волонтерите да се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст и активностите на Црвен крст Охрид. Исто така делегација на Црвен крст Охрид и Здружението Анри Динан од Струга ќе положат свежо цвеќе на бистата на Анри Динан во Охрид (пред седиштето на Црвениот крст). Денес во Центар за култура Григор Прличев – Охрид, втора изложба на Арс Вивенди Клубот на уметници во рамки на Црвен крст Охрид.

Во сабота Црвен Крст Охрид организира голема крводарителска акција на платото помеѓу обложувалница Спорт Лајф и ТЦ „Амам“. Во сабота на повеќе пунктови ќе се реализира 42-от Општински натпревар по прва помош на потегот од плоштадот Св. Климент Охридски до СРЦ. 

Во недела организирана е планинарска тура-излет до врвот Магаро на планината Галичица -тргнување пред Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52.

И во понеделник во Центарот за култура Григор Прличев ќе се одржи хуманитарна претстава „За сите деца на светот“ од ОУ Живко Чинго – Велгошти.