Димовски: За да бидат чисти каналите треба да водат сметка и земјоделците

До октомври годинава ќе се исчистат 104 километри каналска мрежа од кои најголем дел се во пелагонискиот регион, а останатите 24 на територијата на цела држава.

Како што најави денеска ресорниот министер Љупчо Димовски, ќе се чисти и коритото на реката Црна, вкупно 25 километри во Битолско, за што е надлежна Дирекцијата за заштита и спасување.

Акцискиот план е веќе изготвен, а активностите почнуваат веднаш штом се намали нивото на водите.

„Во периодот што следи, веднаш по смирувањето на хидролошката ситуација, почнуваме со интезивно чистење на предвидените каналски правци. Планираните 104 километри се реално изводливи и цениме дека ќе ги завршиме до крајот на септември или почетокот на октомври“, изјави Димовски по работната средба со претседателите на Сојузот на земјоделците и на Аоцисјацијата на земјоделци, Вељо Тантаров и Евтим Шаклев.

Лани, рече, беа исчистени 72 километра каналска мрежа, а во изминатите 6-7 години околу 400 километри.

„Исчистени се најкритичните каналски правци. Но, има земјоделци кои не се доволно совесни и често се случува дел од каналите за релативно краток период, две до три години, повторно да ги чистиме. Други, пак, кај што се самите насипи, се уништени од неодговорни лица кои го земаат материјалот за други цели, а не за она за што е наменет, за каналскиот систем“, посочи министерот.

Во врска со државната поддршка што, исто така, беше една од темите на состанокот, Димовски напомена дека веќе се направени извесни поместувања во исплатата со цел да им се излезе во пресрет на земјоделците, да ги земат средствата кога им се најпотребни.

„Исплатата ќе се усогласи со потребите на земјоделците, ќе има поместување нанапред, не подоцна што секако ќе зависи од кондицијата на Буџетот која во овој период е добра. По Нова Година стартувавме со поголема динамика на исплата за да се задоволат барањата и очекувањата на производителите. Но, ќе треба да се направи соодветен план за исплата по мерка, односно тогаш кога субвенциите се најпотребни за земјоделците и покрај утврдениот законски рок зашто секогаш е најдобро нивната реализација да оди кога е најкорисна“, нагласи министерот.

Земјоделците од Пелагониско се согласни дека е неопходно да се забрза чистењето на каналите особено за да не дојде до излевање на Црна и поплавување на површините. Тие годинава, како што го информира министерот, очекуваат повеќе жито од лани, со добар квалитет. Бараат скоро седнување на заедничка маса со преработувачите за да се договрат околу откупот, исплатата и повторното воведување на мерката за заштита на домашното производство. Цената за килограм пченица, велат, не треба да биде пониска од 15 денари.

Во текот на разговорите кои се вид подготовка за претстојната седница на Агросоветот, е отворено и прашањето за изградба на патишта до пасиштата и поила за добитокот. Плаќањето на водниот надомест исто така беше една од темите.