Конференција на македoнскиот пазар на хартии од вредност

Состојбата на пазарот на хартии од вредност да се подобри преку нови инструменти за развивање на пазарот на хартии од вредност и поголема соработка меѓу берзите, а компаниите да прибираат финансиски средства преку пазарот на капитал. Голема улога можат да имаат фондовите, како најмалку погодени од кризата.

Тоа се дел од оценките упатени од учесниците на конференцијата „Македонскиот пазар на хартии од вредност“, што се одржува денеска во Скопје, во организација на Македонската берза, Комисијата за хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност.

„За Македонија и за регионот,  како прилично фрагментиран и во кој пазарите не се многу длабоки, потребно е да има малку поинтезивна соработка со локалните берзи и да се зголеми бројот на инструменти со кои се тргува. Ќе биде потребно да ги преземеме сите чекори за и нашите компании да бидат котирани на други пазари, но да има можности на Македонската берза да се тргува и да се купува со инвестициски инструменти што се издадени во други држави“, рече на отворањето на конференцијата вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Владата, истакна,  продолжува со определбата за развој на пазарот на хартии од вредност. Направени се  нови законски измени  во насока на развој на пазарот на капитал,  зголемување на транспарентноста на акционерските друштва и заштита на малите акционери.

„Воведувањето на задолжителната  котација се очекува да има позитивни ефекти врз транспарентноста на акционерските друштва, а веќе се започнати  активности за издавање на првата општинска обврзница, со што македонскиот пазар на хартии  од вредност дополнително ќе се збогати со уште еден финансиски инструмент“, наведе Пешевски.

Тој додаде дека се преземаат и активности за едукација на инвеститорите за да носат издржани инвестициски одлуки.

Според претседателката на Комисијата за хартии од вредност Елизабета Чингароска  регионот мора да ги прифати заедничките цели на регулаторите на глобално ниво за зајакнување и зголемување на довербата на инвеститорите и за креирање фер и потранспарентни пазари на хартии од вредност.

„Глобалните принципи и глобалните правила се добра почетна точка. Ова ќе придонесе за минимизирање на пазарните фрагментации и олеснување на прекуграничните капитални текови. Можеби е време да се реализира идејата за интеграција на македонскиот пазар на хартии од вредност на пошироки платформи на тргување, на почетокот на регионални, а подоцна и европски, заради збогатување, продлабочување и обезбедување поголема ефикасност“, рече Чингароска.

Економскиот раст, укажа, е потребен, неопходен и ќе треба да се финансира. Финансирањето преку пазарот на хартии од вредност ќе има се повеќе важна улога во обезбедувањето на растот. КХВ ги охрабрува и поддржува сите друштва да емитираат акции, корпоративни обврзници и слични финансиски инструменти преку кои полесно, побрзо, поефикасно и поевтино ќе дојдат до потребните финансиски средства за реализација на своите бизнис проекти. Воедно, со издавањето нови хартии од вредност се збогатува и понудата на пазарот на капитал, со што тој станува поинтересен за инвеститорите, појасни претседателката на КХВ.

Иван Штериев, главен извршен директор на  Македонската берза, наведе дека берзанската статистика и останатите бројки на пазарот на капитал не покажуваат подобрување и оти кај  некои елементи има дури и влошување.

„Хибернацијата  продолжува. Нема да кажеме ништо ново доколку констатираме дека како последица на финансиската криза, намалената ликвидност и нараснатиот песимистички сентимент на инвеститорите веќе подолго  време бележиме сукцесивно намалување и влошување на сите пазарни показатели“, рече Штериев.

Според него, сега на пазарот има поголем простор за пласирање алтернативни инструменти, но тоа ќе зависело од инвентивноста и интересот на финансиските институции.  Компаниите, наведе, се цврсто насочени кон  банкарско кредитирање, а пазарот на капитал најчесто не им е лесно  опиплива опција. 

„Во последните неколку  години очигледно е дека немаме нето прилив на странски инвеститори и пазарот  главно се темели на македонски физички лица и домашни  финансиски институции. Повеќе од јасно е дека на пазарот му е нужно потребно враќање на странските инвеститори кои би биле катализатор на нова динамика. Оттука приоритет на берзата и натаму останува институционално вмрежување,  сопственичко или функционално, со други регионални пазари. Домашните физички лица се присутни  на пазарот,  но во далеку помал обем од порано, со  замрзнати позиции на повисоки ценовни нивоа и со стратегија на исчекување и брз излез  при некоја нова конјуктура“, рече Штериев.

Тој укажа  дека и покрај тоа што инвестициските фондови започнаа со работа непосредно пред кризата досега не успеаја  да привлечат поголеми средства кај нив на управување.

„Моментно располагаат со 8,5 милиони евра, а  пензиските фондови поради задолжителниот  месечен прилив на средства се  многу поголеми  и управуваат со околу  370 милиони евра, но засега имаат мал дел од нивната актива во домашни акции“, рече Штериев.

Според него, во наредниот краткорочен период  берзанската динамика многу ќе зависи токму од сентиментот на  домашните инвеститори во услови на намалени каматни стапки и благорастечка стапка на инфлација, актуелното економско и политичко опкружување  во земјата и пошироко, но и перформансите и севкупното однесување на главните комапнии  кои тргуваат на берзата.

Данеј Жугаљ, директор на Агенцијата за пазар на хартии од вредност во Словенија, оцени дека пазарот на капитал може да помогне за излез од кризата.

„Пазарот на капитал во последно време стагнира. Сметам дека мерките на Владата  се насочени премногу кон решавање на банкарските проблеми, што на крај ќе направи последици затоа што според мене пазарот на капитал е тој што може да помогне за излез од кризата. Сметам дека е време да се даде некој сигнал на сите пазари на капитал во целиот регион да се размисли за некои мерки со кои ќе се даде придонес за решавање на проблемите. Сметам дека едно од големите решенија е во фондовите затоа што кризата најмалку ја погоди таа гранка“, рече Жугаљ.

Претседатлеката на УО на Загребачката берза Ивана Гажиќ истакна дека ликвидноста најмногу зависи од базата на инвеститорите и колку атрактивни  акции има на берзите.

„Доколку  овие два услова се  остварат, тогаш можеме да очекуваме во иднина  да биде корисно некое поврзување“, смета Гажиќ.