Директорот на БЈБ д-р Љупчо Тодоровски официјално заминува во пензија

Директорот на Бирото за јавна безбедност д-р Љупчо Тодоровски, согласно законските одредби, од денес заминува во пензија. Практично, целокупната професионална кариера на господинот Тодоровски е поврзана со Министерството за внатрешни работи, каде што, по дипломирањето на Факултетот за безбедност во 1982 година, се вработува најпрово во управата за НТ со дрога. Еден кус период (1988/89 година) работи и како асистент  на Факултетот за безбедност по предметот Криминалистичка методика, а во текот на годините во МВР ги минува сите хиерархиски скалила вршејќи одговорни раководни функции, почнувајќи од инспекторатот за социо-патолошки појави- зависности од дроги, началник на управата за НТ со дрога, началник на управите за организиран криминал и за аналитика како и началник на криминалистичката полиција. Од 28.08.2006 година е директор на Бирото за јавна безбедност на МВР.

Покрај континуираниот работен ангажман господинот Тодоровски во изминатиот период дел од своето време посвети и на научната работа така што во 2009 година магистрираше на темата “Понови  форензички приоди во истражувањето на појавните облици на наркокриминал во Р.Македонија со посебен осврт на злоупотребата на дрогите од природно потекло во период  1997 – 2007 година“, а во 2012 година со одбраната на докторската дисертација – “Развивање на стратегии за следење на развојот на понови форми на наркокриминал во Република Македонија и поставување на стандардизиран систем на контрола на дрога“ – при Факултетот за безбедност при Универзитетот “Свети Климент Охридски“, се  стекна со научен степен доктор на науки од областа на безбедноста. Во текот на својот работен век господинот Тодоровски се стекна и со низа образовни и професионални признанија од странски организации и институции (американските ФБИ и ДЕА, универзитетот на Лујзијана, Стејт Департментот на САД и други)

Во изминативе години Бирото за јавна Безбедност на чие челно место беше господинот Тодоровски (односно од крајот на август 2006 година заклучно со март годинава) постигна значителни резултати во сите сфери на своето работење. Така во поглед на економскиот криминал во овој период откриени се 5.177 кривични дела од областа на економскиот криминал за што се пријавени 7.312 сторители, а е предизвикана материјална штета од околу 18,5 милијарди денари.

Во делот на НТ со дрога исто така постигнати се импресивни резултати. Откриени се 2.776 кривични дела “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, за кои се пријавени 3.385 сторители и 648 кривични дела “овозможување на употреба наркотични дроги“, за кои се пријавени 733 сторители. Запленети се: околу 2 тони и 800 килограми марихуана, околу 396 килограми  хероин, околу 493 килограми кокаин, 22.340 таблети амфетамин, 6.651 таблети метамфетамин, 12.085 таблети екстази, 9.383 таблети трамадол и друго.

Во делот на НТ со оружје откриени се 1.449 кривични дела “недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, за кои се пријавени 1.687 сторители. Запленети се 4.242 парчиња оружје од кои 984 пиштоли и револвери, 508 пушки, 2.171 парче останато оружје, 47 рачни бомби како и 99.610 парчиња муниција и околу 71 килограм експлозив.

Во областа на криумчарењето на акцизни и друг вид стоки во посочениот период откриени 604 кривични дела, за што се пријавени 779 сторители. Запленети се 22 тони и 490 кг дробен тутун, 25 тони разни парчиња цигари и 332.518 штеки цигари, потоа 12 тони и 542 литри нафта, 6.744 грама злато, 5 тони и 688 литри алкохол, три тони и 785 килограми кафе, еден тон и 158 килограми млечни производи, 6.540 пакети и 3941 парчиња лекови, големи количини текстилна стока и друго.