Општината го раскинува Договорот за закуп на паркинг просторот во централното градско подрачје

Во согласност со Заклучокот кој советниците го донесоа на една од претходните седници со кој го задолжи Градоначалникот да изготви Информација во врска со состојбите со паркинг просторите во Охрид, денес пред советниците на Дневен ред се најде Предлог Информација за состојбата со паркинг просторите во централното градско подрачје на општина Охрид.

Градоначалникот Бакрачески, ги информира членовите на Советот во врска со неправилностите при изготвување на актите и спроведување на постапката пред и по склучувањето на Договорот за закуп на паркинг просторот.

„На 30 април оваа година Советот на Општина Охрид ме задолжи да подготвам предлог информација за состојбата на паркинзите во централното градко подрачје. Според тоа задолжување веднаш на 2 мај оваа година јас формирав стручна комисија, составена од еден адвокат, двајца правници, еден сообраќаен инженер и економист, кои што ја утврдуваа правната регуларност и економската оправданост на договорите за закуп, на паркинг просторите на централното градско подрачје. Комисијата ги имаше на увид сите документи кои што и претходеа на потпишување на овие договори и од увидот на опсежната документација изготви мислење врз база на тоа на нивното експертско мислење се бараше раскинување на првиот договор за закуп од месец јули 2012 година и поведување на соодветна судска постапка на утврдување на ништовност на вториот договор за 1 март 2013 за поширокото градско подрачје.“ – изјави градоначалникот Бакрачески.

На петчлената експертска комисија заседаваа комисијата за јавни дејности и комунален развој и комисијата за финансирање и буџет. Според нивниот заклучок тие донесоа предлог заклучок со кои го задолжуваат градоначалникот да го раскине првиот договор за закуп.

„Јас како градоначалник имам задолжение да ги почитувам одлуките на Советот во теков на наредните денови почнувајќи од денес, значи ќе се постапува според заклучоците на гласањето на Советот.“ – додаде Бакрачески.

Откако информацијата за состојбата со закупот на паркинг просторите во централното градско подрачје беше презентирана пред членовите на Советот на општина Охрид, истите донесоа Заклучок со кој се задолжува Градоначалникот да пристапи кон раскинување на Договорот за закуп на паркинг простор и да поведе соодветна судска постапка за поништување на Договорот за закуп на паркинг простор во централното градско подрачје на општина Охрид.

WebOhrid