Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, вчера учествуваше на Форумот на Светскиот самит за информатичко општество 2013, кој се одржува во Женева, Швајцарија.
Тој имаше обраќање на утринската сесија на министрите на која што зборуваше за дигиталната дивиденда.
Министерот Ивановски учествуваше и на панел дискусијата “Подобрување на образованието со Информатичко-комуникациските технологии (ИКТ)”, чиј модератор беше Џон Дејвис, потпретседател на Светската напредна програма Интел.
Министерот Ивановски, исто така, оствари средба и со извршниот директор на интернет корпорацијата за доделување имиња и броеви (ICANN), Фади Шехаде.
Во наредните денови Форумот на Светскиот самит на информатичкото општество ќе се фокусира на иднината на информатичките и комуникациските технологии (ИКТ). Учесниците ќе се вклучат во дискусии за голем број на различни теми, како што се ИКТ инфраструктурата, сајбер безбедноста, е-учење, е-здравство, е-земјоделство, медиумите, пристапноста и етиката. Владините министри и претставниците од бизнис и граѓанскиот сектор ќе разговараат за: овластувањата за жените во информатичкото општество, следењето на климатските промени, ИКТ иновациите и стандардите, обезбедување на сајбер-просторот во светот без граници и младите и информатичко–комуникациските технологии.