Над 11 илјади семејства во социјален ризик ќе добијат пакети со облека

Над 11 илјади повеќедетни, згрижувачки и семејства со самохрани родители преку центрите за социјална работа ќе добијат пакети со облека, информира на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

„Министерството за труд и социјална политика, по повод „Меѓународниот ден на семејството“ започнувајќи од денеска во текот на овој месец преку центрите за социјална работа ќе дистрибуира пакети со облека до 11.325 повеќедетни семејства, згрижувачки семејства, како и семејства со самохрани родители, кои се донација на Mezitli Social Welfare Solidarity Endowment од Мерсин, Турција“, рече Ристовски.

Додаде дека за оваа цел ќе биде искористена и текстилната роба и обувките кои Царинската управа, односно Агенцијата за управување со одземен имот, им ја отстапи на Министерството за труд и социјална политика, а којашто дел ќе биде прераспределена на јавните установи од областа на социјалната заштита.

„Како Министерство за труд и социјална политика и како Влада на Република Македонија продолжуваме да работиме на унапредување на политиките во насока на давање секаков вид поддршка на семејствата којшто имаат потреба од нас, имајќи предвид дека државата секогаш била репрезентативен заштитник на семејството“, изјави Ристовски.

Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика, рече тој, како силни поддржувачи на духот на семејството и традиционалните вредности, организираат голем настан кој ќе се одржи на 18 мај 2013 година на популарно наречената „Школка“ во градскиот парк во Скопје, од 12 до 14 часот.

За настанот е предвидена двочасовна програма со забавни активности и анимација за најмалите и нивните семејства од страна на Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје и членовите на детскиот хор „Златно славејче“.

Преку ова, како што нагласи министерот, тие на достоинствен начин ќе потсетат дека семејството е универзална категорија којашто ги одржува заедниците, меѓусебно ги поврзува и е една од вредностите врз кои се гради иднината на младите генерации.

Денеска е Меѓународен ден на семејството,  утврден од страна на Генералното собрание на ОН, пред 20 години.