Еколошка акција за спас на шумата во стариот дел од градот

Еколошкото друштво „Грашница“ организира еколошка акција за спас на шумскиот појас во стариот дел од градот. Голем број борови и бадемови стебла од шумата помеѓу Самоиловите Тврдини и Плаошник се нападнати од инвазивното растение бршлен. Бршленот буквално ги цица и загушува дрвјата и претстои опасност шумата да се исуши. Акцијата ќе опфати колку што е можно поголем дел од шумата и бршленот ќе се отстранува физички.     

Акцијата се организира заедно со Одделението за заштита на животна средина од општина Охрид, здруженијата „Синан Челеби“ и „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид како и со поддршка на студенти од Факултетот за туризам.

Акцијата ќе се изведе утре, сабота – 18 мај, со симболичен почеток во 11:55 часот, а зборно место е влезот на Самоиловата Тврдина.

Еколошкото друштво „Грашница“ – Охрид повикува да се приклучат што е можно поголем број граѓани кои сакаат да направат нешто добро за природата и градот.