Во организација на Центарот за културен проток „Артерија“ во Сабота на 18-ти мај 2013 г. во Центарот за Култура „Григор Прличев“ – Охрид, ќе биде отворена изложбата „Полукружење“ на МОМИ од Скопје, со почеток во 20:30 часот.
Критички осврт на изложбата:
Прекинато кружење, прекинат тек, прекин на еден апсолут како начин на доаѓање до артистичко решение…
Создавање на сопствена интимна визуелна претстава, која лебди меѓу нашите сопствени мисли и мислите на другите, но сепак успева да се конектира со различни дискурси… Колку животот се протега надвор од своите субјективни граници и раскажува приказна за ефектите од глобалната културна интеракција, која има силна потреба од постојано реконструирање?
Полукружење, кое го прекинува цикличното повторување на безпринципиелното игнорирање на суштинските проблеми на женските, воедно и поинаквите перспективи. Во потрага по нови визуелно концептуални референци и методи во просторот, каде секој создава, делува, руши, убива во својот, туѓиот и сечиј приватен/неприватен простор и приватна/неприватна мисла и идеја…
Со сеприсутно користење на непопустливи креативни тактики, делата рефлектираат нова претстава, применуваат различни правила од животот, фокусирани на разбивање на веќе создадената догматична, јавна и интимна мисла… продукција која стои притаена зад сериозна работа, со употреба на секојдневните предмети кои се подложат на ново конципирање и реализација на разбивање на стереотипниот менталитет и признавање на поинаква интимност.
МОМИ се: Марија Сотировска, Христина Зафировска, Татјана Ристовска, Ана Ивановска, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Кристина Хаџиева.
Изложбата ќе биде отворена до 28-ми мај 2013.