Министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на 123-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа.
Во фокусот на оваа сесија посебен акцент беше ставен на активностите на Советот на Европа во обезбедување долгорочна ефикасност на Европската конвенција за човекови права, политиката кон соседните региони и соработката со Европската Унија.
Во своето обраќање, министерот Попоски се осврна на реформите и идното делување на Советот на Европа. Во тој контекст ја истакна потребата од прилагодување на активностите на Организацијата во насока на изнаоѓање на одговор на бројните предизвици со кои се соочуваат граѓаните во Европа, кои произлегуваат од растечката економска криза, недовербата во институциите и растот на екстремизмот. Во таа насока министерот Попоски изрази целосна поддршка на настојувањата на Генералниот Секретар Јагланд за зголемување на ефикасноста на механизмите за мониторинг, со цел зајакнување на влијанието на активностите на Советот на Европа.
Министерот Попоски оствари и средба со Комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Муижниекс, при што стана збор за состојбата на човековите права во регионот, проблемите со миграцијата, како и заложбите на нашата земја во исполнување на препораките дадени во извештајот на Комесарот после неговата минатогодишната посета на Република Македонија. Беше истакнато дека Република Македонија има направено значаен напредок во подобрувањето на условите за заштита на индивидуалните и колективни човекови права и слободи.
За време на министерската сесија министерот Попоски оствари одделни средби и со Лусинда Крејтон, министер за европски прашања на Ирска, актуелниот претседавач со ЕУ , министрите за надворешни работи на Кралството Холандија, Франс Тимерманс и Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, како и со министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Бригита Олсон.
На средбите стана збор за очекувањата на Република Македонија за определување на датум за почеток на преговори на престојниот Самит на ЕУ во јуни 2013 год. Министерот Попоски ги повтори македонските заложби за целосно исполнување на реформите од европската агенда, како и за унапредување на билатералната соработка и добрососедските односи.