Повеќе пари од ЕУ и рушење на бариерите за повеќе инвестиции од дијаспората

Како компаниите да користат повеќе средства од европските претпристапни фондови и да се елиминираат бариерите поради кои потенцијалните инвеститори од дијаспората најчесто ги откажуваат планираните вложувања во земјава, се дел од темите на кои денеска дебатираат бизнисмените од Северозападна Македонија, градоначалниците на неколку општини и претставниците на централната власт.

Како што рече министерот за економија Ваљон Сарачини, Македонија има на располагање 460 милиони евра од ИПА фондовите и нема бариери за нивно повлекување доколку се изработи квалитетен, издржан бизнис план. Тој посебно ги охрабри општините да аплицираат за добивање што повеќе средства од ЕУ.

Бизнисмените побараа стручна помош во оваа насока откако констатираа дека речиси ниту една деловна институција досега не земала европски пари. Дел од проблемот за ваквата ситуација лоцираа кај себе. Немањето капацитет, недоволната и ненавремена информираност биле нивните слабости.

„Можеби нашите капацитети како стопанственици или невладини институции не биле доволни. За некои компоненти и доцна дознававме. Но, сега веќе имаме луѓе кои почнуваат да размислуваат поинаку, во тој правец, и резултатите се чувствуваат. Многу скоро ваквите девијации, по тој основ, ќе бидат надминати“, истакна претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи, оценувајќи дека генератор на овие проблеми е централната, а не локалната власт.

Најбитно е, додаде, да се лоцираат финансиите онаму каде што им е местото.

Владата, се надоврза Сарачини, секогаш им излегува во пресрет на бизнисите, ги слуша нивните барања и ги инкорпорира во политиките. Континуирано продолжуваат таквите состаноци со цел поголем економски развој.

„Министерството им стои на располагање на стопанствениците и на сите општини за да им помогне во реализација на нивните проекти“, подвлече Сарачини.

Тој потсети дека од јануари годинава стартуваше и новата пракса, отворање канцеларии за поддршка на бизнисот во секоја општина. Почна и каравнот за информриање на локалната самоуправа како полесно да дојде до европските пари.

Според Кучи, мора да се обрне големо внимание и на дијаспората која претставува голем, но не доволно искористен потенцијал.

„Вината за досегашните слаби вложувања од страна на ислениците е можеби во формата на организирањето на бизнисот, но клучен проблем се законските одредби кои често се двосмислени, а тоа не им дава сигурност, освен декларативна, да инвестираат во Македонија. Генератор на овие проблеми е централната, а не локалната власт зашто секој градоначалник сака инвестиција повеќе во својата општина“, потенцира претседателот на Комората.

Комапниите од локалната самоуправа очекуваат конкретна, не само формална соработка.

„Во општините гледаме вистински, стратегиски партнер за разлика од Владата која не користи само за собирање даноци. Но, едно е да се има платформа како кандидат за градоначалник, а нешто сосема друго кога ќе бидеш избран на таа функција“, рече Кучи.

Министерот Сарачини ја поздрави иницијативата за заедничка средба на трите страни со цел интензивирање на соработката без која, посочи, е невозможен економскиот развој. Тој сугерираше ваквите средби да станат пракса и да се одржуваат еднаш месечно.

На денешниот состанок на кој присуствуваше и министерот за локална самоуправа Тахир Хани, се очекува градоначалниците да кажат што од ветената економска програма можат вистински да реализраат, но и кои се нивните барања до Владата. Присутни се само оние градоначалници кои досега ја образложиле својата економска платформа пред Комората.