Се поголема примена на електронскиот систем Мој термин во здравствените установи, придобивките големи

Електронското закажување прегледи во рамки на интегрираниот здравствен информатички систем наречен Мој термин, веќе го користат 85 проценти од матичните лекари во овој тест период и се поголем дел од специјалистите. Бројот на досега креирани електронски упати е над 50.000. Само во текот на вчерашниот ден беа креирани над 4.787 електронски упати и бројот постојано се зголемува. Ова е најсложен елетронски систем досега креиран во здравството во Македонија кој го нема во ниту една земја во регионот.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека електронскиот систем почнал во месец април, но веќе интензивно се користи во приватните и јавните здравствени установи. Само во текот на овој месец, посочи министерот, се креирани над 27.000 електронски упати, што, според него, говори дека системот е веќе прифатен од сите структури – од лекари матични и специјалисти и од пациентите кои постепено се навикнуваат на новиот начин на упатување или на овој нов начин на функционирање во здравството.

Потенцира дека матичните лекари пристапуваат до системот преку апликациите кои досега ги користеле со определени модификации кои беа направени, а оние матични кои немаат сопствен систем го користат нашиот систем.

„Се обидуваме сериозно да го имплементираме системот кој се уште е во тест фаза, и без оглед на тоа, е пуштен во продукција и матичните лекари закажуваат прегледи. Тоа го направивме намерно за да ги утврдиме техничките слабости на системот, определни пропусти од технички или организациски аспект, за да можеме да ги отстраниме со цел кога системот ќе почне да функционира целосно и задолжително на цела територија на Македонија да немаме никакви тенички проблеми“, истакна Тодоров.

Тој нагласи дека електронскиот систем Мој термин се воведува етапно и досега се вклучени само специјалистички упати, а потоа тоа ќе се надградува со сите останати упатувања. 

„Сите здравствени установи на секундарно и терцијарно ниво кои се вклучени во системот се информирани дека во преодниот период на прилагодување кон новиот начин на закажување и упатување треба да се организира работата во установата, да се овозможи целосно почитување на закажаните термини, но и да се овозможи секој кој ќе дојде без ваков упат да биде прегледан за да не се создава револт, дополнително чекање или отпор кон целиот систем.Поентата ни е во овој период да нема вратени пациенти, но и во периодот по отпочнување со примена на овој систем“, рече Тодоров.

Во меѓувреме, како што истакна, се изврши обука на над 2.000 доктори за користење на овој систем кој е многу едноставен за користење и не одзема многу време.

„Системот е дизајниран да заштеди време во здравствени установи и на персоналот, но и на пациентите (да нема непотребни чекања пред шалтер, пред ординација), а од друга страна и секој доктор да знае во текот на денот кои пациенти му се закажани, со кои упатни дијагнози доаѓаат за да може да се подготви за преглед. Апелирам до јавноста и медиумите да помогнат системот да се имплементира бидејќи придобивките ќе ги видат сите-пациентите, докторите, целиот здравствен систем, науката“, појасни Тодоров.

Сите граѓани, истакна тој, треба да ги почитуваат принципите на овој систем за да може да го изградиме на ниво на системите на најразвиените земји во светот. 

„Нема да дозволиме системот да биде загрозен од неодговорно однесување на поединци. Има неодговорно однесување и на пациент-има закажан термин, а не дошол. Тоа значи дека го изгубил времето на докторот, а можел да дојде и друг пациент во тој термин. Има неодговорно однесување на докторот ако тој не се појави на закажниот термин, почнува подоцна со работа итн.“, посочи Тодоров.

Одговорајќи на новинарско прашање рече дека има можност да се креираат долги листи на чекање и докторите да креираат термини онака како што тие мислат или според некои протоколи кои во светот ги има.

„Да каже докторот дека прегледот трае 40 минути и наместо 30 пациенти колку што имал до вчера, од утре кога ќе почне системот да има 10 пациенти и на тој начин за три четири пати да се зголеми времето на чекање… Нема да паднеме во таа стапица односно докторите ќе мора да се креираат толку термини колку што имало за истиот период во 2012 и во 2011 година“, рече Тодоров.

Ако е најавено отсуството на докторот поради болест, смрт итн. тогаш, укажа министерот, тој има обврска да го извести пациентот најмалку три часа пред да биде неговиот термин.

„За пациентите кои се меѓу првите закажани ќе треба да се обезбеди замена, или ако пациентот дошол на закажаниот преглед, а ако не бил известен дека има промена на терминот, здравствената установа ќе биде должна да му го надомести трошокот (за превоз-автобус, гориво…) што го направил. Се обврзуваме на сериозни одредби и тоа во закон го предвидуваме. Ако пациентот не дојде го губи закажаниот термин и може да се прегледа во почетниот период на имплементација како последен. Доколку го пропушти денот на прегледот комплетно е анулиран терминот и мора да оди повторно на матичен лекар за да му закаже нов термин. Мора да се почитува времето на докторот и на пациентот“, додаде Тодоров.