Репрезентацијата на Македонија до 19 години на 21 мај, 2013 г. го одигра првиот контролен натпревар во Романија против домашната селекција до 19 години. Натпреварот заврши со резултат 2 – 0 за Романија. Головите за романската репрезентација ги постигнаа Сербан во 2-та и Попеску во 55-та минута од натпреварот.
Македонската репрезентација предводена од селекторот Алексо Мацков настапи во следниот состав: Шишковски Дамјан, Стојанов Горан, Трајковиќ Стефан, Зајков Ѓоко, Каракамишев Ристе, Велковски Дарко, Имери Демир, Наумоски Јорданчо, Марковски Кире, Костовски Христијан, Барди Енис. Во игра влегоа и: Стоилов Ѓорѓи, Зајков Костадин, Асани Јашир и Малиќи Едис.
Натпреварот започна со гол на романската репрезентација веќе во 2-та минута, по што нашите фудбалери ја стабилизираа играта, но не успеаа да го израмнат резултатот. Второто полувреме беше пропратено со неколку контроверзни одлуки на судиите, досудувањето на дискутабилен пенал за Романија, кој нашиот голман Шишковски го одбрани со прекрасна парада. Вториот гол романците го постигнаа во 55-та минута кога Попеску со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот го матираше Шишковски.
„Сметам дека овој фудбалски натпревар го загубивме пред се’ поради контоверзното судење на судиската четворка. Тие спречија неколку шанси на нашите фудбалери досудувајќи непостоечки офсајди. Според мене, пеналот беше неправедно досуден и среќен сум што Шишковски го одбрани“. – изјави селекторот Мацков.