Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, со пригодниот говор кој ќе го има вечерва пред високата делегација на УНЕСКО, предводена од Генералниот директор Ирена Бокова, министерот за култура на Р.Црна-Гора Бранислав Миќуновиќ, гостите од културниот и политичкиот живот на Париз, и останатите официјални лица, ќе ја најави кандидатурата на Охрид за Европска престолнина на културата за 2020 година.
Во официјалниот каталог на манифестацијата, посветен е текст со поздравното обраќање на Градоначалникот Бакрачески на француски јазик, во кој на специфичен начин е направено претставувањето на градот, со сите негови културни, историски и духовни вредности, заради кои Охрид може рамноправно со останатите претенденти да конкурира за овој висок културен европски престиж.
Во текот на денешниот ден Градоначалникот Бакрачески ќе има средба со Директорот на Фестивалот, г-динот Ив Боасе, со кого ќе разговараат за натамошната соработка во делот на културното претставување на Охрид во Париз и Р.Франција.