Иванов: Нема поголема радост од тоа да го видиме името на Македонија на врвот со најдобрите

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на македонската машка кугларска репрезентација, кои освоија сребрен медал на петтото светско екипно првенство во куглање, што се одржа од 15 до 25 мај во градот Залаегершек во Унгарија. 

Претседателот Иванов, во свое име и во името на граѓаните на Република Македонија на кугларите им го честиташе големиот успех, оценувајќи дека со освојувањето на сребрениот медал на светското првенство, македонските куглари на извонреден начин ја претставија Република Македонија пред светот. 

„Нема поголема радост од тоа да го видиме името на Македонија на врвот на листата на најдобрите“, рече претседателот Иванов, посакувајќи им на кугларите од следното натпреварување да се вратат со златен медал. 

На средбата репрезентативците ги споделија своите искуства од учеството на натпреварувањето, како и напорите што ги вложиле за постигнување на големиот успех. 

Македонските репрезентативци на патот до финалето забележаа пет победи против Црна Гора, Република Полска, Чешката Република, Република Австрија и Република Србија. Во големото финале македонските куглари загубија од селекцијата на домаќинот Унгарија со 7-1, откако претходно во полуфиналето го совладаа досегашниот светскиот првак Република Србија со 5-3.

Членови на македонската кугларска репрезентација кои го постигнаа овој успех се Дамир Фучкар, Бојан Влаќевски, Сашо Трпковски, Александар Соколовски, Борис Бенедик, Урош Штоклас – членови на првиот тим и тројцата резерви Ибрахим Мемеди, Кристијан Костов и Мартин Тодоровски.