Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, денеска во Охрид во присуство на голем број тур оператори од Шведска одржа бизнис средба на која свое обраќање имаше и градоначалникот Никола Бакрачески.
„По речиси дведецениско стагнирање на бројот на странските гости, последниве години евидентно е нивното враќање. Тоа е тенденција која радува, но и мотивира заедно со централната власт, туристичките работници и научните кругови да креираме и да промовираме нови туристички пакети.
Со тоа, се надеваме дека ќе бидеме поконкурентни на европскиот и светскиот туристички пазар. Годинава, првите чартер летови со странски туристи почнаа да пристигнуваат од крајот на април и според склучените договори така ќе биде до половината на септември. Охрабрени од се помасовното присуство на странските туристи, очекуваме продолжување на туристичката сезона.
Особено ме радува вашето присуство во Охрид и интересот за доаѓање на туристи од Шведска во Република Македонија и во нашиот град. Вие ќе видите само дел од убавините и културното наследство и ќе ја почуствувате топлината на нашата гостопримливост. Уверен сум дека барем дел од охридската убава приказна ќе им ја раскажете на вашите пријатели и потенцијалните туристи“, – рече градоначалникот Бакрачески.
Во официјалниот дел градоначалникот Бакрачески пред туроператорите уште еднаш ја истакна поддршката кој ја имаат од страна на Владата на Република Македонија, но и подготвеноста на Охрид да одговори на потребите на туристите од Скандинавските земји кои за градот отсекогаш претставуваат ценети и посакувани гости.