Бесими во дипломатска офанзива за добивање датум за преговори на јунскиот ЕУ самит

Ниту како Фатмир Бесими, ниту како вицепремиер, нема да прогнозирам за тоа дали на јунскиот ЕУ самит ќе добиеме датум за почеток на преговори за членство во Унијата, нагласи вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими денеска пред почетокот на неговата дипломатска офанзива во повеќе европски метрополи.

Сепак, тој лично смета дека досега требало да биде формирана Комисијата за настаните од 24 декември минатата година и да биде решено прашањето на името, сето тоа во интерес на граѓаните и на Република Македонија.

Според него, секој ден сме се поблиску до решение за името, а, како што исткна многу поблиску од 1995 година.

Тој денеска аплираше и до политичките лидери да покажат храброст и одговорност, да ги надминат теснопартиските интереси и да се формира Комисијата, во интерес на граѓаните и сето тоа како аргумент повеќе пред претстојниот Самит на ЕУ.

Во Лондон, Брисел, Париз, Берлин, Мадрид и Даблин, вицепремиерот Бесими ќе бара поддршка за добивање датум за почеток на преговорите, презентирајќи ги резултатите од реформите што ги прави земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ, како и сериозноста и напорите на Република Македонија што ги прави за полноправно членство во ЕУ.

Пристапниот дијалог на високо ниво на средбите ќе биде посочен како добар пример за тоа, подвлече Бесими, како можеме заеднички да работиме на реформите и да се обезбеди нов ентузијазам и динамика на процесот.

„Членството во ЕУ е стратешка определба на Република Македонија и затоа Владата е посветена на имплементација на сите неопходни реформски процеси“, рече Бесими.

Како што информира, до сите европратеници кои гласале против или биле воздржани за Резолуцијата за Македонија ќе испрати писмени покани за присуство на најавената Конференција на Еворпскиот парламент во Брисел „Од сон до реалност:нов поттик за реформските процеси“, или на билатерални средби да им ги претстави ставовите и аргументите на Република Македонија.