Младински совет Охрид, Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за Европски студии од Брисел на почетокот од мај го започнаа реализирањето на проектот насловен како „Мост помеѓу политиката и граѓанското општество – јакнење на учеството на младите на локално ниво, во три општини во Република Македонија, Охрид, Струга и Ресен. Целта на проектот од една страна е да помогне во надминување на јазот помеѓу граѓаните и институциите и поактивно вклучување на младите во општествениот живот, а од друга страна самите млади, претставници на политичките партии и граѓанскиот сектор преку заедничките семинари и работилници да направат стратегии за оддржливо и креативно нивно соучество во подобрување нa животот во нивните општини.
После подготвителните состаноци, како прва поголема активност беше организирањето на семинарот за зајакнување на капацитетите на младите од регионот, со цел истите да се вклучат во креирање на политики кои ќе го подобрат статусот на младите. Семинарот се одржа на 31 мај, 1 јуни, а продолжува и денес 2 јуни. На отварањето на семинарот, на учесниците им се обратија Г-ѓа Ања Чимек, претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, канцеларија во Скопје, Г. Јохан Белц, претставник на фондацијата Конрад Аденауер од Берлин и Г. Панагиотис Тациополус, претставник на Центарот за Европски Студии од Брисел.
Во името на Младински Совет Охрид присутните ги поздрави Димче Каневче, а учество зедоа и претставници на Локалните самоуправи на Охрид и Ресен.
Покрај овој семинар како дел од проектот предвидено е да се спроведе истражување за потребите на младите, доколнителни два семинари за креирање на стратегии за млади, три форуми и завршна конференција на која ќе се сумираат резултатите од спроведените активности.