Средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Србија пред заедничката седница на владите

Пред одржувањето на првата заедничка седница на владите на Република Македонија и на Република Србија во  Белград,  министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски оствари билатерална срдба со неговиот хомолог Иван Мркиќ.

Инаку, заедничката седница, која беше иницирана од македонска страна, преставува нов сегмент во севкупната комуникација помеѓу двете земји и е на линија на континуирано развивање на билатералните односи и соработка. Оваа иницијатива кореспондира со добрососедската политика која Владата на Република Македонија ја гради со сите земји од соседството.

На средбата, двајцата министри се осврнаа на актуелните политичко економски прашања, состојбите во регионот и можностите за продлабочување и унапредување на односите, преку  реализирање на конкретни проекти  кои  ќе бидат од интерес на граѓаните на Република Македонија и на Република Србија. Беше оценето дека меѓусебните односи се одлични, без отворени прашања, при што беше истакнато дека останува заедничката заложба  за изнаоѓање решение меѓу двете засегнати страни во црковниот спор.

Стана збор и за последните достигнувања и очекувања на двете земји во процесот на евроинтеграции, како и за европската перспектива на целиот регион, која што може да биде реалност само преку  отворен дијалог и соработка.