Во Рача се градат плоштад, реконструиран Дом и детско игралиште

После неодамнешната средба со жителите на населба Рача на која заеднички беа утврдени приоритените потреби за подобрување на условите во населбата, денес Градоначалникот Бакрачески ја посети локацијата каде што се започнати градежните работи за изградба на плоштад, простор наменет за детско игралиште, како и реконструкција и доградба на разрушениот Дом.

Според Проектот по кој се изведуваат градежните работи, плоштадот во населбата Рача треба да е партерно уреден, во еден дел оплеменет со зелена површина, ќе бидат поставени клупи за одмор, ќе се постави мала фонатана, а целиот простор ќе биде соодветно осветлен.

Руинираниот објект што некогаш требало да претставува место за собирање на жителите и простор за организирање на настани, ќе биде целосно обновен и дограден. Градежните работи на целиот простор ќе се изведуваат фаза по фаза, а се очекува да завршат до почетокот на летото.