Доделено признанието „Инженерски прстен“ на најдобрите 10 дипломирани студенти

Традиционално по 10. пат претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на најдобрите 10 дипломирани студенти на инженерските факултети во дворот на Св.Климентовиот храм – Св. Пантелејмон на Плаошник им го додели признанието „Инженерски прстен 2013″.

„Живееме во време со големи предизвици и очекуваме од овие млади луѓе да нудат решенија, да градат, да создаваат, затоа што има многу за градење и многу за создавање. Им посакувам ова да им биде клуч кој ќе им ги отвора вратите кои ќе се појавуваат во нивната професија и нивниот живот. Прстенот е и признание за сиот нивен вложен труд во стекнување знаење и вештини. Меѓутоа ова е и признание за нивните професори што успеале да им го дадат сето она што знаат и умеат, но признание и за нивните родители кои секако влијаеле да се определат да го посветат својот живот на овие професии“, рече претседателот Иванов во обраќањето пред присутните.

Манифестацијата, нагласи македонскиот претседател, симболично се одржува на просторот каде пред 12 века е создадено она што го знаеме како прв Сесловенски Универзитет, каде се добивало и пренесувало знаењето.

„Симболиката е голема затоа што денеска ќе дадеме прстен кој се доделува на оној, кој станува самостоен или кој е мајстор во струките и сам одговара за своите постапки. Затоа секојпат инженер е оној, кој создава, кој гради. Инженер секојпат е оној, кој е конструктивен, иновативен, односно оној кој нуди решенија“, подвлече претседателот Иванов.

Посакувајќи им успеси на наградените инженери, претседателот рече дека овие успешни луѓе го носат и успехот во Македонија.

„Затоа им посакувам во нивниот живот, нивната професија уште многу успеси и ова нека биде почеток на една нивна голема градителска акција во кои ќе се изградуваат тие, и ќе ја изградуваат својата околина и својата држава“, додаде македонскиот претседател.

Ваквото признание, за добитничката на инженерски прстен Дана Ужеска, е мотив за поголеми успеси.

„Голема е честа да се биде добитник на едно вакво признание, но уште поголемо е задоволството кога вложениот труд ќе биде награден како што доликува и не останува заборавен. Ваквото признание е мотив за секој од нас да се стреми кон поголеми успеси постојано надградувајќи ги постоечките“, рече Ужеска во име на наградените инженери.

Инженерите, според претседателот на Инженерската институција на Македонија, Александар Димитров, се тие што ги креираат технолошките процеси, дизајнираат, проектираат и градат.

„Тие се дел од секоја иновација и претставуваат основна моторна сила неопходна за развој на секоја земја, како во индустриски, економски, така и во социјален проблем“, рече Димитров.

Манифестација „Инженерски прстен” се одржува по 10. пат, под покровителство на претседателот на Република Македонија, а во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Таа претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји.