Одржана прес-конференција на женската кошаркарска репрезентација

Женската сениорска репрезентација на Македонија во просториите на МКФ, одржа прес-конференција пред заминувањето за Израел каде од 7 до 9 јуни ќе настапува на квалификациите за Евробаскетот. Задоволни од начинот на работа и досегашниот дел од подготовките, селекторот Горан Јовановиќ заедно со капитенот Моника Гаврилоска, Криси Гивенс и Елена Раденковиќ беа сложни во изјавите за светла иднина на македонската женска кошарка.

Како увертира на изјавите на селекторот и кошаркарките, претставниците на МКФ, претседателот Димевски и генералниот секретар Лекиќ, подетално го претставија проектот чија главна цел е подигнување на нивото на женската кошарка во Македонија, односно креирање на цврста основа за светла иднина. „Со години наназад низ организираните Европски првенства за младинските женски категории работевме напорно да промовираме квалитетни млади девојки кои во иднина ќе ја предводат сениорската репрезентација. Најавивме нова свежина и екстра квалитет на селекторската позиција и пресреќни сме што гледаме дека ја добиваме од Горан Јовановиќ. Тој негов нов пристап и напорна работа веќе е пренесена на младите играчи кои воодушевуваат со посветеноста и желбата. Заедно со останатите поискусни кошаркарки во тимот, како Гаврилоска, Раденковиќ и Димовска меѓу другите, како и со исклучително силното засилување кое го добивме во Криси Гивенс, цврсто сум убеден дека ќе вроди со плод и ќе донесе резултат. Можеби ќе дојде уште и сега, на квалификациите, но сепак клучно е ние да го створиме тој костур, таа основа за во иднина, за и женската репрезентација да почне да се движи во насоката во која се движи и машката. Сакам да им се заблагодарам на сите за навистина несебичната работа. Ова тука е типичен пример за вистински спорт. Нема големи бројки, нема којзнае каква финансиска поткрепа, но има врвна спортска мотивација и дух, кои се навистина за почит“.

Селекторот на репрезентацијата, Горан Јовановиќ, токму на квалификацискиот турнир ќе го има официјалното деби на клупата на Македонија.

„За мене е голема чест што сум тука, што бев повикан да започнам еден ваков проект и од ден на ден се повеќе верувам дека ќе биде успешен. Створивме одлична атмосфера, една вистинска комбинација на неколку искусни и повеќе млади кошаркари, ја донесовме и Криси (Гивенс) која одлично се вклопи и веќе не фасцинираше со квалитетот, пожртвуваноста и желбата да помогне во секој момент. Наша примарна цел е во наредниот период да ги насочиме на вистинскиот пат оние млади кошаркарки од 16 до 20 години. Таму има навистина квалитетни и талентирани поединци, кои со континуирана добра работа, како во клубовите така и во репрезентацијата, можат да ветат светла иднина за македонската женска кошарка. На квалификациите ќе ни недостасуваат повеќе важни алки, како повредените Антиќ, Муса и Решковска и трите кошаркарки (Ивана Кметовска, Александра Стојановска и Нена Трајчевска) кои поради училишни обврски нема да може да бидат со нас во Израел, но верувам дека и со нивното приклучување во иднина има основа за мојот оптимизам. Цврсто сум уверен дека во наредните години женската кошарка во Македонија ќе оди само напред“, изјави Јовановиќ.

Моника Гаврилоска ќе ги предводи девојките во улога на капитен на тимот, а нејзиното долгогодишно искуство низ настапите на врвно ниво, ќе помогнат и при воведување на помладите во конкуренција на најдобрите.

„Во Израел не чека една од најтешките групи, но сите работевме навистина напорно и вложивме многу во овој подготвителен период, па јас верувам дека наградата ќе дојде токму на овие квалификации. И една победа би била голема за нас, пред се да се отвори патот за помладите кошаркарки. Немав претходно многу можности да дојдам во директен играчки контакт со тие помлади кошаркарки и можам да кажам дека низ овие подготовки навистина позитивно се изненадив од нивниот жар и желба, што само говорат за нивната перспектива. Тука сум да помогнам, сакам да го правам тоа и воопшто не се каам ниту во еден момент што се приклучив повторно на тимот како играч. Ќе бидам тука да им помагам и понатаму, со задоволство, но во друга улога“, констатираше Гаврилоска.

Криси Гивенс имаше можност во минатиот период подобро да се запознае со тимот и со останатите кошаркарки и не го криеше задоволството. Таа одигра два одлични натпревари во Словенија, кои беа неофицијално нејзино деби во македонскиот дрес, потврдувајќи го квалитетот и силата која ја носи на репрезентацијата.

„Среќна сум што сум тука. Сите се навистина фини и пријатни со мене и со нивна помош, не ми требаше речиси воопшто време да се привикнам на условите. Повикана сум тука да помогнам при проектот кој го стартува Федерацијата со младите играчи, дојдов искрено со многу малку познавање на Македонија и македонската кошарка, но презадоволна сум од деновите тука. Сега, се што сакам да направам е да им помогнам на младите да тргнат по вистинскиот пак. Ќе дадам се од себе, искуството, квалитетот и се што имам за заедно да успееме. Знам дека многу луѓе мислат дека е невозможно да направиме резултат, но јас сум човек што не верува дека постои нешто невозможно. Одиме со позитивни мисли, со желба за игра, за борба и победа, да покажеме дека можеме да играме против сите други“, вели Гивенс.

Елена Раденковиќ со нејзиното искуство и квалитет исто така ќе биде меѓу клучните кошаркарки на квалификациите, а и таа го издвојува духот и енергијата на тимот, кој влева надеж за добра иднина.

„Убедливо најмлада репрезентација ќе бидеме во Израел и тој ритам и енергија во екипата се чувствува. Ние поискусните сме тука да помогнеме помладите уште од сега да соберат посериозно искуство и да го продолжат патот напред и веруваме дека ќе биде така. Знаеме со кого играме таму, но не се предаваме. Ќе дадеме се од себе и одиме на победа на секој натпревар“, истакна Раденковиќ.

Репрезентацијата за Израел заминува во среда рано наутро, а селекторот Горан Јовановиќ на располагање ќе ги има следните 12 кошаркарки:

Моника Гаврилоска

Славица Димовска

Елена Раденковиќ

Криси Гивенс

Александра Иванова

Софија Лазареска

Драгана Јоловиќ

Ива Крстевска

Ивона Пејковска

Ана Тантуровска

Ивана Удовалиева

Анџелика Митрашиновиќ

Македонија е во силна група со Германија, Португалија и домаќинот Израел, а само првопласираната репрезентација во групата продолжува со квалификаците за Евробаскетот 2015 година.

„Добро ги знаеме противниците, веќе и се припремавме конкретно за нив. Германија играше Европско минатото лето и знаеме дека е силна и искусна екипа, која според мене е фаворит во групата. Португалија секоја година е има квалитетен и агресивен тим, кој знае да победи некои и од најсилните европски селекции, додека Израел, со самото тоа што ја зема организацијата на турнирот, потврди дека има амбиции за пласман на Евробаскетот. Ние сме во најтешката група, но тоа не е лошо, тоа е добро за нас. Секогаш велам дека подобро е уште на почеток да одиграме со силни репрезентации за веднаш да видиме до каде сме и што треба уште да работиме во иднина. Не чека тежок турнир, но и јас го делам мислењето со сите други – оптимист сум и ќе се трудиме да одиграме најдобро што знаеме. Резултатот ќе каже дали сме успеале во тоа“, заврши Горан Јовановиќ.