Пререгистрирани 224 илјади невработени, од нив 125 илјади не бараат активно работа

Од невработените евидентирани лица во Агенцијата за вработување на Република Македонија, во новите регистри се пререгистрирале вкупно 224.157 лица. Од нив 98.726 се пријавиле дека активно бараат работа, а 125.431 лице се во втората категорија кои не бараат активно работа. 

Ова го истакнаа доскорашниот и новиот министер за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и Диме Спасов, на заедничката прес-конференција во Владата на Република Македонија на која присуствуваше и директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски. 

Според Ристовски, ова е процес кој понатаму ќе придонесе да се креираат политики и да се преземаат соодветни мерки. 

„Во следниот период многу конкретно ќе можеме да почнеме креирање соодветни политики, соодветни на структурата опфатена во двете категории и креирање и фокусирање на посебни програми за дообука и тренинг и особено значаен фокус на младите луѓе со нивна целосна подготвока во делот на образованието, но и во делот на преквалификациите и доквалификациите соодветно на потребите на пазарот на труд“, рече Ристовски, кој од минатата недела го презеде Министерството за образование и наука. 

Очекувањата на Владата се дека таквите координирани политики на Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјалана политика и Агенцијата за вработување, во многу ќе помогнат во креирањето на вистинската слика и обезбедувањето нови работни места.

Според новиот министер труд и социјална политика Диме Спасов, првичниот успех е направен. Пререгистрацијата, според него, беше неопходна за креирање на наредните политики и мерки.

Од податоците што ги изнесоа на прес-конференцијата, 28,8 проценти од регистираните невработени се неквалификувани, 17 отсто се квалификувани, 34,4 проценти се со средно образование, 16,9 отсто со високо и 2,8 отсто со вишо образование.

Според полот на оние што активно бараат работа, 56,5 проценти се мажи, а 43,5 проценти се жени. Според возраста, до 29 години се 28 отсто од оние кои активно бараат работа, 37,7 отсто се на возраст од 30 до 49 години, а 34,3 отсто се со 50 и повеќе години.

Во категоријата кои се изјасниле дека не бараат активно работа, 57,6 отсто се мажи, а 42,4 проценти се жени. До 29 години возраст се 20,2 отсто, 47,8 отсто се на возраст од 30 до 49 години и 32 проценти се над 50 години.

Пререгистрацијата на невработените почна во декември минатата година. Секое невработено лице требаше да подигне изјава од Агенцијата и да ја врати во рок од 60 дена. Бројот на невработени лица регистрирани во Агенцијата на крајот на 2012 година изнесувал 243.403.