Слатинско Езеро исчезнува

Ден по ден на (не) екологија, нивото на водата на Слатинско езеро за околу месец дена се намали од девет метри на само околу еден метар длабочина. Водата со ненамален интензитет сеуште истекува низ браната, така да ни затварањето на испусниот вентил, кој се затвори пред два дена не допринесе да престане намалувањето на нивото на акумулацијата, кое дневно опаѓа  за околу триесетина сантиметри. Водената површина веќе не личи на езеро тука на бара. Флората е уништена, а за фауната каде спаѓаат и рибите, има време од само неколку дена да се спаси. Апелите на рибарите и концесионерот не допреа до вистинското место за да се изврши санација на пукнатината на браната. Се очекува езерото за петнаесетина дена преку пукнатината потполно да се испразни. Денес советот на Хидробиолошкиот институт како овластена научна установа за рибарство по барање на концесионерот на рибниот фонд, треба да донесе мислење дали и каде ќе се префрили рибата. Најверојатно капиталните крапови ќе се префрлат во мрестилиштето за крап во дворот на Хидробиолошки завод, а поситната риба  како грунецот, кленот и плашката ќе се префрлат во Требенишко езеро, односно она што остана. Поголема количина на мртви риби има во длабоките пукнатини кои сега се на суво, а преку кои истекуваше  вода низ процепот на браната. Овие пукнатини се појавија пред некој ден, по повлекување на водата и сега се видливи. Рибата ќе се излови со влак. Но сето ова изловување и префрлување по мислењето на Хидробиолошки, треба да го одобри надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Изловената риба, ако некогаш се санира браната, или направи нова ќе биде вратена во езерото.

Истовремено повторно апелираме до надлежните институции да ја обезбедат браната и просторот сто метри лево и десно од браната  со трака или на друг начин, за да не поминуваат пешаци и да се избегнат потенцијални несреќи. Ги известуваме и рекреативните риболовци од Охрид и Република Македонија дека риболов на рекреативната зона „Акумулација Слатино“ кој свечено требаше да се пушти утре во четврток, на првиот риболовен ден по завршување на  забраната за риболов,  ќе биде целосно забранет.  

Бистро,

Радован Димитриевски

Претседател на ЗРРСК „Свети Апостол Петар“ концесионер на рибниот фонд за рекреативен риболов на „Слатино“