Возачките дозволи ќе важат и во Италија, Шпанија, Словенија и Албанија

Министерството за внатрешни работи, односно Република Македонија склучи договори за реципрочно признавање на возачките дозволи на Република Македонија со Италија, Шпанија, Албанија и Словенија.

Со склучувањето на овие договори за заемно признавање на возачките дозволи под услов на репроцитет се овозможува на граѓаните на Република Македонија како и на граѓаните на земјите со кои е склучен договорот за конверзија, а врз основа на прописите кои ја регулираат материјата за “престој“ во странство, тие да ги променат возачките дозволи без да полагаат теоретски и практичен дел од возачкиот испит.

Притоа, одредбите од овие договори за конверзија не се однесуваат на внатрешните прописи во однос на здравствените и психолошките услови потребни за управување со моторните и приклучните возила, кои се поврзани со уверенијата за здравствената и психофизичката состојба на возачите.

Во моментот на признавање на возачката дозвола која е предмет на конверзија, се земаат во предвид еквивалентите категории и поткатегории во возачката дозвола, кои се признаваат врз основа на прилозите за категории и поткатегории на управување со моторни и приклучни возила кои се составен дел на секој договор за заемно признавање (конверзија) на возачките дозволи.

Инаку, во тек се преговори за склучување на исти вакви договори за заемно признавање на возачките дозволи со Австралија и Нов Зеланд како и со Сојузна Република Германија и Република Австрија.