Со квалитетна, борбена и пожртвувана игра во одбрана во текот на сите четири четвртини, женската репрезентација на Македонија го совлада фаворитот Португалија и успешно ги стартуваше квалификациите за Евробаскетот. Избраничките на Горан Јовановиќ водеа во текот на целата средба и го заслужија големиот триумф.
Португалките подобро го почнаа натпреварот, а проблемите во реализацијата на нашиот тим, кој не погоди ниту еднаш од поле во првите пет минути од мечот, донесоа рана предност на Португалија од 11-3. Сепак, следуваше тројка на Славица Димовска, која го предводеше нашиот тим до серија од 12-0 и до водство на крајот од четвртината со 17-16. Димовска само во првиот период од играта постигна 10 поени, задавајќи сериозни проблеми на одбраната на Португалија. Со малку поени и цврсто во дефанзива стартуваше втората четвртина во која и двете репрезентации направија неколку грешки во организацијата, а во нашиот состав во тој период проработеа центрите, Гаврилоска и Раденковиќ, кои донесоа највисоко водство пред полувремето од 27-21. Истото нашите кошаркарки го задржаа, за со првиот кош од игра на Криси Гивенс, да заминат на пауза со предност од 31-25. Со многу повеќе ротации играше Португалија во тоа прво полувреме, во кое Македонија ја доби битката под кошевите (22-17 во скокови), а за цврстината во одбраната на нашиот тим доволно говорат и седумте украдени топки, наспроти само едната на Португалија.
Продолжија добро во одбрана избраничките на Горан Јовановиќ и во третата четвртина, во која уште еднаш не дозволија да примат двоцифрен број на поени. Моника Гаврилоска доминираше под обрачите на двете страни, постигна 6 поени и додаде уште 6 скокови само во таа четвртина, а додека Португалија беше приморана да се обидува само со удари од далечина, кои во третиот период беа непрецизни, Ана Тантуровска со тројка донесе водство за Македонија од 44-31. Да Силва погоди во последната секунда од четвртината за Португалија и во последните 10 минути се влезе со двоцифрена предност на нашите кошаркарки од 44-33. Ана Тантуровска ја продолжи серијата поени и во последниот период, реализираше нови пет поени во низа и Македонија поведе со огромни 18 поени разлика на 6 минути до крај (53-35). Португалките имаа силни обиди во завршницата да се вратат и успеаја да погодат неколку шутеви од далечина со што се доближија на 57-53, но успеаја нашите кошаркарки да ја задржат предноста за на крајот заслужено да слават со 60-56.
Моника Гаврилоска оствари дабл-дабл учинок од 14 поени и 13 скокови, додека Славица Димовска беше најпрецизна со 19 постигнати поени. Раденковиќ реализираше 12 поени на кои додаде 9 скокови, Ана Тантуровска го заврши мечот со добар сестран учинок од 8 поени, 7 скокови и 5 украдени топки, додека во листата на стрелци се запишаа и останатите две кошаркарки кои добија минутажа на натпреварот, Криси Гивенс (5 поени) и Анџелика Митрашиновиќ (2 поени).
Со оваа победа, Македонија го дели првото место во квалификациската група со домаќинот Израел, кој во првиот меч ја победи Германија. Денес, со почеток од 19:45 часот, избраничките на Горан Јовановиќ ќе се сретнат токму со Израел, во меч кој би можел да го реши пласманот на првата позиција на табелата. Само првопласираниот тим во групата продолжува со квалификациите за Евробаскетот 2015 година.