Украински бизнисмени заинтересирани за инвестирање во Скопје и Охрид

Украинските бизнисмени сакаат да го прошират својот бизнис преку Македонија. Заинтересирани се за инвестирање во земјоделството, хотелиерството и експлоатацијата на минералните суровини.

Нивна бизнис делегација деновиве престојува во Македонија со цел да ги разгледа можностите што ги нуди државата за водење бизнис.

„Бенефициите во Индустриско-технолошките развојни зони се посебно прифатливи за нив, но заинтересирани се и за други сектори вклучително и за земјоделството особено за откуп на дистрибутивните центри од каде од домашните земјоделци би откупувале земјоделски производи кои би ги извезувале не само во Украина и Русија, туку и во други делови во Европа“, изјави министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски по средбата со украинската бизнис делегација.

Имаат интерес и за изградба на луксузни хотели за што деновиве ќе ги разгледаат можностите за инвестирање во Скопје и Охрид.

Почесниот конзул на Украина и сопственик на Риксус груп, Василиј Микулин смета дека има огромен потенцијал за соработка меѓу двете држави.

„Односите меѓу Македонија и Украина се развиваат во добра насока. Постои голема симпатија меѓу македонскиот и украинскиот народ и тоа резултира со овие наши средби“, изјави Микулин. 

Посетата на украинската бизнис делегација на Македонија е резултат на неодамна одржаниот Бизнис форум во Украина на кој беа претставени поволностите што им се нудат на странските инвеститори во Македонија.