Висока бизнис делегација од Украина, предводена од претседателот на Украинската стопанска комора, Генади Чижиков, вчера престојуваа во Охрид, при што остварија средба со градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески. На средбата присуствуваа и министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, како и почесниот конзул на Р.Македонија во Украина и познат украински бизнисмен, Василиј Никулин. На работната средба, градоначалникот Бакрачески на бизнисмените од Украина им ги презентира инвестициските потенцијали на Охрид кои се привлечни за Украинските инвеститори. Туризмот, изградбата на хотели од највисока категорија и инвестициите во индустриска зона се главните точки каде што се пројави интересен за вложување. На средбата, со внимание беше проследана видео-презентацијата на инвестициските можности на Охрид и локациите на кои во моментов постојат услови за брзо отпочнување со градба на хотелски и индустриски капацитети.
„Локалната самоуправа на Охрид, целосно ги ставаат на располагање сите свои капацитети за инвестиции, кои ќе придонесат за подобрување на локалниот економски развој и зголемување на вработувањето на нашите граѓани. Нема поголем приоритет за оваа локална самоуправа од подобрувањето на економските перформанси на општината, а инвестирањето во туризмот и во останатиот реален сектор се можност за остварување на нашата програма за развој. Заедно со Владата на Р.Македонија и условите за инвестирање кои таа ги нуди, општина Охрид целосно се посветува кон реализација на економската стратегија за развој на општината“, – изјави градоначалникот Бакрачески.
Почесниот конзул на Македонија во Украина, Василиј Никулин, истакна дека Македонија и Украина имаат развиени меѓусебни односи, кои резултираат со зголемена економска соработка, а престојот во Охрид е одлична можност поблиску да се запознаат со туристичките потенцијали на државата, што е интересен од аспект на хотелскиот бизнис кои ги води неговата Холдинг компанија.
Видео изјави на министерот Бил Павлески, почесниот конзул Василиј Никулин и градоначалникот Бакрачески:
На крајот од неколку часовниот престој во Охрид, градоначалникот Бакрачески за украинските бизнисмени организира посета со брод на инвестициските точки, вдолж езерското крајбрежје, за на самото место да ги увидат локациите на кои во моментов е придвидена изградба на хотелски капацитети.