Женската сениорска репрезентација на Македонија одигра уште еден одличен меч на квалификациите за Евробаскетот 2015 година, но на крајот сепак загуби од големиот фаворит Германија со 87-83, откако по четирите четвртини резултатот беше изедначен 75-75. Нашиот состав ги заврши квалификациите со пласман на третото место во групата, но и само со позитивни впечатоци од турнирот во Израел.
За разлика од претходните два натпревари, против Португалија и Израел, третиот дуел против силната Германија се играше со многу поени. Предводена од расположените Гаврилоска и Гивенс на почетокот, а потоа и прецизните шутеви на Славица Димовска, Македонија ја заврши првата четвртина со предност од 21-13. Димовска постигна своја втора тројка на самиот старт на втората четвртина кога нашиот состав стигна до први двоцифрени, а воедно и највисоки на натпреварот 24-13. Сепак, иако избраничките на Горан Јовановиќ водеа во текот на целото прво полувреме, во последните три минути Германија предводена од Скубала направи серија од 12-2 и на полувреме замина со водство од 36-35.
Генерално кош-за-кош се играше во второто полувреме, а Германија беше тимот кој во поголемиот дел имаше благо едноцифрено водство. Димовска имаше свој шутерски ден, погодувајќи 7 тројки на средбата, а одлична помош во нападот доби и од сите останати кошаркарки од првата петорка. На спротивната страна, Скубала, Фикиел и Брајтрајнер беа највпечатливи, во далеку подолгата ротација на германскиот состав. На две минути до крај, со тројката на Скубала и реализираните слободни на Менц, Германија поведе со 75-69, но веднаш по тајм-аутот на нашиот селектор, Ана Тантуровска и Славица Димовска постигнаа две брзи тројки и изедначија на 75-75. И двете екипи имаа неколку шанси за поени за победа во завршницата, но не успеаја да реализираат со што мечот замина во продолженија.
Иако со поените на Гаврилоска и Гивенс, Македонија поведе со 81-78 и 83-80 во продолжението, Димовска ја заработи петтата лична грешка, по што Германија во последните две минути од продолжението постигна 7 поени во низа, за конечна победа од 87-83.
Славица Димовска со 27 поени беше најпрецизна во нашиот тим, додека 20 поени со 8 скокови и 6 асистенции додаде Криси Гивенс. Моника Гаврилоска оствари уште еден дабл-дабл со 13 поени и 14 скокови, а на Елена Раденковиќ и недостасуваше само еден скок за таков учинок, завршувајќи го мечот со 13 поени и 9 скокови. Реализатор во нашиот тим беше и Ана Тантуровска, која постигна 10 поени. Статистика од натпреварот.
Ова беше последниот натпревар на нашата женска репрезентација на квалификациите за Евробаскетот 2015 година, кои ги завршија со една победа и два порази на третото место на табелата. И покрај тоа што нашите девојки не успеаја да обезбедат пласман во полуфиналето од оваа фаза на квалификациите, останува да се памети само позитивен впечаток од играта, борбеноста и желбата на квалификацискиот турнир, кој ги потврдува најавите дека подмладената сениорска репрезентација, има светла иднина.