Нови 22 наслови од владиниот проект за превод на 1.000 стручни книги, кои се користат на првите 10 рангирани универзитети во светот според Шангајска листа, беа промовирани денеска, со што вкупниот број преведени, отпечатени и дистрибуирани учебници од овој проект достигна 809.
На денешната промоција, 47-ма од почетокот на проектот во 2009 година, беа претставени изданија од областа на претприемаштво и иновации, медицина, ветерина, правни и економски науки, архитектура, градежништво, транспорт…
Премиерот Никола Груевски истакна дека со нив македонските студенти имаат лесен пристап до врвната научна мисла зашто делата од современи и познати светски автори им се овозможени на мајчин јазик.
„Проектот влегува во завршна фаза… Опфатени се сите научни области и во секоја од нив веќе имаме десетици нови книги. Оној што претходно силно посакувал да најде некоја од овие книги и ги барал во странски библиотеки, ги позајмувал од колеги од други земји или ги наоѓал во делови на интернет, сега му се достапни тука, во Македонија, на наш македонски јазик. Ваквата придобивка треба соодветно да се цени и добро да се искористи“, рече Груевски. Апелираше до студентите да ги користат што повеќе за да инвестираат во своето знаење што, рече тој, повеќекратно ќе им се врати во животот.
Ресорниот министер Спиро Ристовски рече дека изданијата од овој проект имаат добар прием и интерес од јавноста уште со првата промоција пред четири години и, како и премиерот, ги повика студентите да ја искористат можноста за квалитетно образование.