Со свечено сечење на лента, во комплексот Летница денес беше отворен супермаркет од светски познатиот ланец на маркети „Рамстор“. На свечената церемонија меѓу присутните гости беа градоначалникот Никола Бакрачески, генералниот директор на „Рамстор – Македонија“ Ибрахим Кесеман, потоа почесниот Турски конзул во Битола Ајдоган Адемовски и почесниот Турски конзул во Охрид Абдурахман Бајрактар.
Генералниот директор, Ибрахим Кесеман ги поздрави присутните и истакна дека ова е петти супермаркет во Република Македонија од овој ланец. Тој му се заблагодари на градоначалникот Бакрачески за неговата поддршка, со ветување дека ова е можеби првиот чекор за пошироки економски инвестиции во Охрид, а им се заблагодари и на персоналот кој во рекордно време успеал да го стави супермаркетот во функција на граѓаните од Охрид.
Присутните гости ги поздрави и Ајдоган Адемовски, почесен конзул на Турција во Битола. Тој истакна дека проширувањето ќе продолжи во цела Македонија, а со тоа ќе се отворат многу работни места и ќе се продлабочи соработката со пријателска Труција.
Градоначалникот Никола Бакрачески посочи дека Рапублика Македонија и Република Турција имаат одлични политички и економски односи. Тој истакна дека во моменти на голема економска криза, бизнис соработката е најважа и дека излегувањето од неа ќе биде добра основа за креирање нови форми на соработка. На крајот од своето обраќање Бакрачески на турските инвеститори им посака среќа и бериќет со порака дека Охрид останува отворен град за инвестирање во уште многу други области, а особено во туризмот.