Унгарскиот претседател Јанош Адер ја обвини Европската Унија поради тоа што не им ја обезбедила неопходната помош на земјите кои беа погодени од поплави, кои предизвикаа огромна штета во централна Европа.
„Се прашувам дали ЕУ ќе реагира исто така доколку треба да се спасуваат банките и финансискиот сектор“, – изјави Адер за медиумите веднаш по состанокот со европските колеги на самитот на држави од централна Европа, кој се одржа во Братислава.
„Во овој момент, ЕУ нема начин да обезбеди итна помош во случај на природни катастрофи. Налетите на природните катастрофи во земјите кои ја надминаа или сеуште се опоравуваат од светската економска криза, можат да имаат сериозни политички и социјални последици“, додаде унгарскиот претседател.
Водостојот на Дунав во Будимпешта во понеделникот го достигна рекордното ниво, оттогаш е во опаѓање. Околу 1500 луѓе досега се евакуирани поради поплавите, а околу 6800 останале без струја или вода.
Во меѓувреме, Германија соопшти дека планира да основа фонд од осум милијарди евра, за помош на жртвите од рекордните поплави поради кои во регионот загинаа 21, додека пак илјадници ги напуштиле своите домови.