До 2100 година на земјата се предвидува дека ќе живеат 11 милијарди луѓе

Светското население, кое денеска брои 7,2 милијарди луѓе, до 2025 година ќе достигне 8,1 милијарди, 25 години подоцна 9,6 милијарди, а до крајот од овој век 10,9 милијарди, се наведува во најновиот извештај на Обединетите нации.

Светското население се очекува во овој период забрзано да старее, па во 2100 година, според предвидувањата на експертите, на Земјата ќе живеат седум пати повеќе 80-годишници, додека бројот на лицата постари од 60 години ќе биде трипати поголем и од денешните 841 милион до 2050 година ќе порасне на две милијарди, а до крајот на векот на скоро три милијарди луѓе.

Ваков тек на настаните посебно ќе биде присутен во земјите во развој заради очекуваното намалување на фертилитетот и зголемувањето на животниот век, кој до 2095 година би требало да достигне 81 година, додека пак во најбогатите земји ќе биде 89 години.

До 2050 година бројот на сениори во земјите во развој од сегашните 9% ќе порасне на 19%, а до 2100 година на 27%.

Во извештајот на ОН, под наслов „Светски демографски перспективи, ревизија 2012“, се истакнува дека Африка ќе обезбеди повеќе од половина од растот на светското население, од актуелните 1,1 милијарди, Африка до 2050 година ќе има 2,4 милијарди жители, а веќе на крајот од овој век ќе има 4,2 милијарди жители. 

Во останатите делови од светот, населението се очекува да порасне за 10%. Единствено во Европа, населението се очекува да забележи пад од 14%.